Македонија

Перископ: Иднината почнува задутре

24 ное 2022

Прв ден од секоја иднина е утрешниот ден. Денеска е сегашност, а сè што било пред денеска е минато. Иднината знае да нè плаши, но, неминовно доаѓа. Стравот од непознатото е реален и нормален. Но, ние од најмали нозе се подготвуваме дека иднината ќе ни биде светла. Дека утре ќе ни биде подобро од денеска и подобро од тоа како живееле нашите родители. И како што кажав, таа иднина почнува од утре

  Пишува: Горан Теменугов, новинар 

ВЕЌЕ ВИДЕН БУЏЕТ

Но, во Македонија секогаш иднината почнува од задутре. Првиот ден од иднината кај сите нормални нации  е утрешниот ден, а кај нас наредниот ден е ист како и денешниот. Значи исто. Ние почнуваме да ја градиме и да живееме во иднината чекајќи да дојде задутре, скокајќи еден ден, една година, еден век. Нашата верба во задутре најдобро се гледа од буџетите за секоја наредна година. Во ниту еден буџет, па така и во овој предложениот за 2023 година, фискалната консолидација, штедењето, вистинските буџетски реформи, намалувањето на буџетскиот дефицит итн, не почнува со доаѓањето на Новата Година и стапувањето на сила на буџетот (се мисли за 2023 година), туку тоа ќе почне во 2024 година. Значи, сè што треба да се направи за да се спаси економијата, за да се подобри стандардот на сите граѓани и да се овозможи подобро функционирање на бизнисите, се остава за 2024, 2025, 2026, 2027 година...

ЌЕ ДАДАТ, ПА ЌЕ ЗЕМАТ

Главното оправдување зошто предложениот буџет за 2023 година не е во рамките на реалното и не предвидува стегање на ременот се економската, воената и пандемиската криза како и БДП или во пари 695 милиони евра. Вака високата сума е замаскирана со кованицата дека буџетот е развоен односно предвидени се 791 милиони евра за капитални инвестиции, што ќе значи дека задолжувањето со кој се финансира дефицитот, односно разликата меѓу планираните расходи од 5,3 милијарди евра и планираните приходи од 4,6 милијарди ќе биде за да се изградат толку потребните инфраструктурни проекти. Објаснувањата за ова од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими убаво звучат. Даваат слика за домаќинлук, иако и тој вели дека наредната година ќе биде иста како и оваа, а доброто ќе почне од 2024, односно иднината ќе зпочне малку подоцна, задутре.

Сè што треба да се направи за да се спаси економијата, за да се подобри стандардот на сите граѓани и да се овозможи подобро функционирање на бизнисите, се остава за 2024, 2025, 2026, 2027 година.

Обидот да се посее оптимизам од една страна, но да се каже и дека нема да ни биде лесно и затоа треба да се стрпиме малку повеќе, е стара практика на секоја влада. А старо е и тоа дека често капиталните инвестиции се предвидени да бидат високи и дека поради нив се задолжуваме, но исто така старо е и дека при секој ребаланс прво и најмногу се кратат тие, капиталните инвестиции, но не се крати дефицитот, односно задолжувањето. Значи, новиот долг наместо да се употреби за изградба на јавна инфраструктура, најчесто се пренаменува и парите се трошат за други намени. Или народски кажано, за јадење, за пиење, за луксуз.

ПАРИ ЗА АДМИНИСТРАЦИЈАТА И ИЗБОРИ

Владата се пофали и дека наредната година ќе има повеќе пари и за минималецот, за пензиите, за здравството, за повеќе социјални трансфери. Значи од преструктурирање на буџетот кој има огромни слабости бидејќи од 15 до 20% од парите одат во ветер, односно услугите што сега ги добиваме можат да се финансираат со речиси една петтина помалку пари, нема да има ништо. Ќе чекаме да дојде задутре па да се почнат реформите. А додека ние чекаме, светот се редефинира и преструктурира. Лоши сигнали доаѓаат од германската економија, а се знае дека ако малку настине таа, нашето стопанство веќе е клинички мртво. Затоа, фокусирањето на тоа само да има пари во буџетот, а не и на сериозни но и болни реформи, ќе значи дополнително влошување на нашата економска состојба. И нешто што не смееме да го заборавиме. А тоа е дека на средината од 2024 би требало да имаме редовни парламентарни избори што значи дека една година пред тоа владата би ја почнала својата кампања и со буџетски пари ќе се обиде да ја финансира својата победа на изборите. Ова е непишано правило што за нас граѓаните ќе значи дека средувањето на хаосот во економијата нема да почне ниту утре, ниту задутре.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...