Владата на РСМ ќе излезе во пресрет на барањето на Стопанската комора на Северна Македонија за проширување на списокот со дејности коишто ќе бидат поддршани со мерката субвенционирана електрична енергија од 80 евра за мегават/час.
Со новата Одлука за преземање на мерка во услови на постоење на кризна состојба со електрична енергија, што според најавите на министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде усвоена утре, покрај „одгледувањето на живина’, ќе бидат додадени и шифрите на дејности за одгледување на свињи, молзни крави, овци и кози, со што целиот ланец на месната индустрија ќе биде покриен со субвенционирана електрична енергија.
Оваа нова Одлука ќе овозможи сите коишто имаат фарми за одгледување на животни и се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија, да бидат подеднакво третирани со мерките. Воедно, тоа ќе придонесе и кон зачувување на сточниот фонд во нашата држава, во услови кога истите се најпогодени од енергетската криза.Стопанската комора преку Кризниот штаб во изминатиот месец дена континуирано е во посета на компаниите од каде директно ги согледува состојбите. При посетите компаниите одгледувачи на животни укажуваат дека работат во отежнети услови зашто сточната храна веќе е поскапена за 70%, бележат екстремен раст на транспортните трошоци и на сметките за струја и сето тоа го доведува во прашање опстанокот на овие бизниси.
Кризниот штаб при Стопанската комора на СМ продолжува во напорите и преговорите со Владата преку разни форми да се даде поддршка на сите компании кои се наоѓаат на слободниот пазар на електрична енергија со цел зачувување на нивната конкурентност дома и во регионот.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.