Прославувањето на Светскиот ден на Вранецот годинава за првпат ќе излезе од границите на Балканот. Во организација на здружението „Вина од Македонија“ по четврти пат ќе се здружат македонските и регионални производители на Вранец, како и винските експерти и ентузијасти од целиот свет, со цел интернационална промоција и препознатливост на овие вина.
Динамичната програма предвидува вински дегустации низ целиот свет вклучувајќи ги Србија, Швајцарија, Австрија, Велика Британија, Холандија и САД. Истовремено, за оние кои сакаат да дознаат повеќе за сортата, отворени ќе бидат мастерклас обуки, од кои едната ќе ја води реномираниот вински експерт Томас Куртис, соопштија од „Вина од Македонија“.
Светскиот ден на Вранецот ќе се одбележи во Македонија на винскиот салон кој ќе се одржи на 5 октомври во М6 Едукативниот центар. На едно место ќе бидат изложени околу 50 вина од сортата Вранец произведени од винарии од Македонија и регионот. Салонот ќе биде од отворен карактер.
Освен тоа, на 7 октомври ќе се одржи и „Гранд Вин“ – винскиот салон на македонски премиум вина со фокус на сортата Вранец.
Вранецот е сорта која во нашата земја е засадена на близу 11.000 хектари, со што Македонија е најголем производител на вино од оваа сорта.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.