Македонија

Во Прилеп се одржа манифестацијата „Млеко 2022“

05 Sep 2022

Производители од повеќе региони во саботата ги претставија млечните производи во центарот на Прилеп, на манифестацијата „Млеко 2022“.

Манифестацијата, под мотото „Како да го биеме млекото?“, се одржа во организација на „Слоуфуд“ – Прилеп, со поддршка на националната асоцијација „Слоуфуд“ – Македонија, Министерството за земјоделство и Општина Прилеп.

Според Филип Димкоски од „Слоуфуд“ – Прилеп, неопходен е вистински третман на производителите на храна.

Целта на настанот е да се покаже колку се важни оние што одгледуваат млекодајни животни, да се крене гласот зашто тие навистина заслужуваат подобар третман и од нас како граѓани, и од државата. Треба да им дадеме почит, внимание и простор за да може чесно да си го заработуваат лебот, како и досега, но и нивниот производ да биде видлив и да се цени. Годинава се соочуваме со големи проблеми со намалени сточни фондови. Ќе имаме дебати и трибини и ги вклучуваме Министерството за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за земјоделски науки и храна, локалните власти. Многу е важно граѓаните да ја променат свеста, да го знаат потеклото на храната што ја јадат. Колку сме поблиску до производителот, толку повеќе сме сигурни дека јадеме квалитетен и со љубов произведен производ, изјави тој.

Манифестацијата траеше од 10 до 18 часот. Освен изложбата и пазарот на млечни и други производи, дискусиите за производството, настанот заврши со изложба на млекарска опрема и со музичка програма. Ова е четврта манифестација од годинашната „Млеко 2022“, по една во Битола и две во Скопје.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...