Извршниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, преку Стопанската комора на Македонија, побара од сите одговорни во државата да најдат начин и да им помогнат на фирмите кои се соочуваат со колапс поради енормното зголемување на цените на електричната енергија.
Пишува: Глигор Цветанов, извршен директор на „Макпрогрес“
Пишувам од сопствено искуство, како извршен менаџер на една од поуспешните македонски компании, која 32 години растеше, инвестираше и се развиваше. Напорно работевме сиве овие години развивајќи конкурентни производи и брендови и извезувајќи ги во повеќе од 60 држави низ светот. Инвестиравме во силен развој дури и во годините на пандемијата, која остави силен белег врз целокупното стопанство.
Сега веќе е друго. Надвор од сите можности со кои располага една компанија или кој било нејзин раководител, правиме напори за да се снаоѓаме кој како знае и умее. Цената на енергијата руши рекорди: за понеделник 29.8.2022 надминува 800 EUR/MWh, а за четвртиот квартал цената е преку 950 EUR/MWh и продолжува да расте. Ова се цени кои ниеден бизнис самостојно не може да ги апсорбира. И по цена на загуби нема да може бидејќи сумите се вртоглави, а патот кон пропаста е сѐ поизвесен. За илустрација, сетете се колку сте платиле лани истиот месец. Сега е тоа помножено 10-пати до 12-пати. И тоа не трае еден месец. Трае и ќе потрае доволно долго за да ја однесе компанијата во пропаст.
Отсекогаш сум бил поборник за слободна економија во висококонкурентна средина. Да има еднакви услови за работа и да победи оној кој ќе може подобро и побргу да се приспособи на пазарот. Секогаш сум заговарал и за тоа секој раководител на компанија да гледа што може да подобри кај себе; да унапреди без да обвинува или без да чека од државата или некој однадвор да му ги решава проблемите.
Сега веќе е друго. Понекогаш не можам да препознаам колку промени се случија во последниве 6 месеци. Да градиш фирма, тимови, капацитети, брендови, пазари и да дојдеш до таква ситуација во која, и покрај сите вложени напори, едноставно повеќе не е до тебе. А многу напори се направени за да се штеди потрошувачката на секој чекор. Едноставно, натамошното штедење значи целосно затворање на производствените погони.
Сега веќе е друго. Не можеш повеќе сам. Ти треба поддршка. Не го зборувам ова само во име на работодавците, туку како компанија, а во компаниите заинтересирани страни се и работодавците и вработените и соработниците, а богами и државата. Загрозен е опстанокот на сите заедно.
Дами и господа од извршната власт, слушнете го гласот на коморите и на компаниите. Приватниот сектор е оној кој креира додадена вредност, кој вработува и кој плаќа даноци и давачки. Насекаде во светот приватниот сектор е главниот двигател и обезбедува развој и напредок на државата. Најдете модел и помогнете му.
Преку коморите континуирано сме реагирале до креаторите на економските политики за да се подобрат економските состојби во делот на конкурентноста, за да се намалат парафискалните давачки, за да се поедностават процедурите за градба, за да се поедностават процедурите за фотоволтаични централи, за да се сузбие сивата економија и слично.
Сега веќе е друго. Сега е само важно дали и по која цена ќе има електрична енергија за продолжување на производството и на економската активност.
Ве молам, направете консензус, и власт и опозиција и јавност и стручна фела; направете напори и најдете модел да им помогнете на компаниите; направете напор за да заштедите потрошувачка на енергија на други места, а да обезбедите домашна енергија за компаниите и да донесете уредба да им ја продадете таа енергија на компаниите по производствена цена преку државната „ЕСМ снабдување“, ако не целосно, барем до некоја количина, пример до 200-300 MWh месечно по компанија. Со ова ќе има можност да се спасат компаниите во кои засегнати страни се и работодавците и вработените и соработниците, а богами и државата.
Сега веќе е друго. На компаниите им е неопходна помош. Помогнете им и пробајте да ги заштитите од патот кон пропаста, како што го прават тоа сите политички лидери во соседството и во Европа. И, да, тоа е вашата задача за сега, за веднаш, за денеска – не за утре или за задутре, бидејќи компаниите се веќе на пат кон пропаста.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.