Македонија

Иницијативата Зелени коридори почна да се спроведува меѓу ЦЕФТА и ЕУ

08 Jul 2022

Иницијативата на ЦЕФТА и Транспортната заедница наречена Зелени коридори почна да се спроведува на граничните премини меѓу членките на ЦЕФТА и ЕУ благодарение на системот за електронска размена на податоци SEED+, кој се користи во ЦЕФТА зоната.

Георги Пицилис, директор на Секретаријатот за јавни приходи на Грција и Славица Кутиров, директор на Царинската управа на Македонија, потпишаа Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци меѓу царинските управи на Форумот за поврзување во Солун, организиран од Генералниот секретаријат за меѓународни економски прашања на Министерството за надворешни работи Грција.

Ова е важно достигнување бидејќи оваа соработка служи како основа за целиот иден транспорт и трговија од членките на ЦЕФТА до Грција. Оваа соработка создава можности за натамошно проширување на иницијативата Зелени коридори од договорот ЦЕФТА и Транспортната заедница кон земјите-членки на ЕУ.

SEED одигра клучна улога во имплементацијата на Зелените коридори на договорот ЦЕФТА и Транспортната заедница и сега царинските управи ќе разменуваат податоци преку платформата SEEED. SEED се спроведува од 2010 година, потоа беше надграден во SEED+ и го подобри управувањето со граничните премини во Западен Балкан, ја зголеми ефикасноста и ги поедностави процедурите.

SEED и SEED+ во практика служат како сигурно средство за размена на податоци меѓу администрациите кои се занимаваат со царинење на стоки на граничните премини, ја подобруваат анализата на ризик и на тој начин придонесуваат за значително намалување на времето на чекање и трошоците. Една од клучните предности на SEED е неговата флексибилност и приспособливост во согласност со потребите на царинските управи кои го користат, изјави Емир Ѓиќиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.

Меморандумот потпишан од Грција и Северна Македонија целосно ја препознава важноста на царините и другите давачки во трговијата со стоки, ја препознава потребата за прекугранична соработка и ги зема предвид целите на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар.

Иницијативата Зелени коридори од договорот ЦЕФТА и Транспортната заедница треба да се прошири во Италија на почетокот на септември, а потоа и во другите земји-членки на ЕУ.

Воспоставувањето на Зелените коридори од договорот ЦЕФТА и Транспортната заедница во Западен Балкан за време на пандемијата се покажа како еден од најуспешните примери за регионална соработка.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...