Македонија

Чадеж и Азески реизбрани на чело на КИФ

23 Jun 2022

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија,Бранко Азески и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, беа реизбрани да го раководат Коморскиот инвестициски форум (КИФ) за нов мандат од четири години, на денешната седница на Управниот одбор на КИФ. 

На 21 и 22 јули во Охрид ќе биде одржана следната седница на Управниот Одбор на КИФ, на која ќе се разговара за позиционирањето на КИФ и координацијата со останатите регионални иницијативи, вклучувајќи го и Отворен Балкан.

За двоецот Чадеж – Азески, кои раководат со регионалната асоцијација од 2017 година, денешниот реизбор претставува признание и потврда за досегашните постигнувања на полето на регионалната економска соработка, за позиционирањето на КИФ како единствен и уникатен претставник на приватниот сектор од регионот на Западен Балкан, како и за досегашниот придонес кон имплементацијата на Акцискиот план за воспоставување на Заедничкиот регионален пазар, кој е потврден од страна на Европската комисија и меѓународните партнери.

Во изминатиот период, КИФ ја воспостави Платформата Западен Балкан - ЕУ, во која членуваат Бизнис советот на КИФ и Европската комисија, ја предводи Регионалната програма за развој на добавувачи, во рамките на која беа мапирани повеќе од 2.000 компании од автомобилската, прехранбената и лесната преработувачка индустрија, беа изготвени „Маркет аксес“ и „Маркет интелиџенс“ датабазите и се обезбедува техничка помош за компании за пристап до финансии и за дигитализација, организираше заедничко саемско претставување за компании од регионот и регионални бизнис настани во Тирана, Мостар, Подгорица и Сараево, тренинзи и инфо-денови за компаниите, и го имплементира Регионалниот Фонд за предизвици, преку кој се достапни повеќе од 35 милиони евра грантови за имплементација на модели на дуално образование во Западен Балкан.

Коморскиот инвестициски форум, со седиште во Трст е институција основана во 2015 година во рамките на Берлинскиот процес инициран од канцеларката Ангела Меркел, и претставува глас на приватниот сектор од регионот, застапувајќи 350.000 компании од подрачјето на Западен Балкан.
 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...