Македонија

Ексклузивнo: Отворен е првиот маркет „Мере“ во Македонија

17 May 2022

Синџирот маркети „Мере“, кој работи од 2009 година, денес го отвори првиот маркет во Македонија. По тој повод разговаравме со Бобан Аврамовски, менаџер за развој во земјава.

Каде се наоѓа првиот маркет „Мере“?

По успешната приказна што „Мере“ ја има во соседните земји, конечно трговскиот синџир стигна и кај нас. Маркетот се наоѓа на улицата Перо Наков бб, во комплексот „Караорман“. Обезбедивме модерна зграда од 1.200 квадратни метри, според сите светски стандарди, за да го направиме пазарувањето попријатно за нашите потрошувачи. 

Вашата функција е менаџер за развој за Македонија. Што значи тоа, кои се Вашите обврски?

Тоа значи да се биде буден 24/7 до денешниот ден, денот на отворањето. Сè што можете да замислите дека ќе биде потребно за еден маркет – од пронаоѓање на соодветната локација, потпишување договор, преку секое шрафче на рафтовите, разладна комора, реклама, дозволи и лиценци, до комплетно адаптиран маркет, подготвен за работа.

Кој е вашиот слоган и што е тоа што „Мере“ гоправи поразличен од другите маркети?

Нашиот слоган е „Ниски цени секој ден“, како што пишува и на рекламата. За овој дел е одговорен друг сектор, но тоа што можам да го потврдам е дека цените се навистина за 20 до 30% пониски од кое било друго продажно место на нашиот пазар.

Дали се веќе избрани локациите за другите маркети и каде би биле тие?

Да, веќе имаме 5 адаптирани маркети, заклучно со првиот. Не ни е таргет само Скопје, се прошируваме и во другите градови, со цел да бидеме достапни за сите наши потрошувачи.

Што ви е најважно, по што сакате да ве препознаваат потрошувачите?

Најважно е да се следат потребите на потрошувачите, а тоа се ниските цени, квалитетот и апсолутно секогаш да се биде на страната на купувачите.

Пред речиси една година, InStore прв објави дека рускиот дисконтен синџир маркети „Мере“ отвори фирма во Македонија и бара вработени за повеќе градови низ цела држава.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...