Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и донаторите помагаат во поддршката за опоравување на малите и средни претпријатија (МСП) од пандемијата.
ЕБОР ја продолжува соработката со Комерцијална банка во РС Македонија, одобрувајќи нова кредитна линија во износ од 2 милиона евра. Линијата ќе биде наменета да им помогне на МСП во земјата за поттикнување на нивните деловни активности и полесно справување со последиците од пандемијата.
Кредитот беше потпишан вчера, за време на Годишното собрание на ЕБОР, кое се одржа од 10 до 12 мај во Маракеш, Мароко.
Задоволство ни е што можеме заедно со Комерцијална банка – Скопје повторно да пружиме поддршка на локалните МСП. Средствата ќе им помогнат на малите бизниси да инвестираат во современи технологии и да се опорават од негативните ефекти од пандемијата, изјави Франсис Малиж, генерален директор, финансиски институции во ЕБОР.
Маја Стевкова Штериева, главен финансиски директор и член на бордот директори на Комерцијална банка – Скопје изјави: Продолжуваме со напорите за поддршка на националната економија во период по пандемијата. Особено ни е мило што средствата од оваа кредитна линија се примарно наменети за инвестиции во зелената енергија и конкурентноста, што е во согласност со нашата посветеност да придонесеме за развој на одржливите бизниси.
Комерцијална банка ќе ги кредитира малите компании, овозможувајќи им да инвестираат во зелени технологии што работат подобро. Овие инвестиции треба да ги направат локалните МСП поусогласени со ЕУ и со меѓународните стандарди, поттикнувајќи ја нивната конкурентност на домашните и меѓународните пазари.
МСП ќе имаат корист од грант-компонентата која достигнува до 15% од сумата на кредитот. Грантовите се финансирани од Луксембург, Норвешка и од САД, како и од други донатори што се очекува да учествуваат во поддршката.
Кредитната линија е дел од новата програма на ЕБОР за поддршка на обновата на МСП, која го поддржува опоравувањето на малите компании од забавениот пораст. Околу 70% од поддршката ќе биде алоцирана во инвестиции за заштеда на енергија и зелени технологии, додека останатиот дел ќе биде наменет за поддршка на инвестиции во атоматизација, зголемена продуктивност и во квалитет и безбедност на производите.
Комерцијална банка е долгорочен партнер на ЕБОР, а во нејзината поддршка за МСП во РС Македонија досега има одобрено повеќе од 7 милиони евра кредити. ЕБОР до денес има инвестирано повеќе од 2,2 милијарди евра за 154 проекти во земјата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.