Македонија

Ивица Петровиќ е нов директор на „Алма М“

30 Mar 2022

Позицијата генерален директор на „Алма М“, од 1 април ја презема Ивица Петровиќ. Со своето 20 годишно искуство во различни компании, сектори и позиции, Петровиќ планира унапредување на сите сектори во компанијата, продожување на одличната соработка со партнерите и задоволни потрошувачи на брендовите што ги дистрибуира „Алма М“.

Претходно работевте на повеќе различни работни позиции во Нестле, но и во други компании.  Што беше клучно да одлучите да ја прифатите функцијата генерален директор на „Алма М“?

Одлуките се секогаш сплет на повеќе околности, а пред сè воден од желбата да се вратам во Македонија и својата понатамошна кариера да ја продолжам на локалниот пазар ја прифатив понудата. Во плановите за иден пораст и развој на „Алма М“ видов голем професионален предизвик на кој верувам дека ќе можам да одговорам земајќи го предвид моето дваесет годишно искуство низ различни компании, сектори и позиции во овој бизнис.  

Со компанијата „Алма М“ имав можност да се запознаам уште во 2006 година кога како дел од тимот на „Нестле“ - Македонија учествував во поставување на заедничката успешна соработка која трае и ден денес и се темели на взаемно почитување, транспарентност и професионалност. Во меѓувреме компанијата, со јасната визија на сопственикот, Муарем Муртезани успеа да прерасне во една од водечките дистрибутивни куќи во земјава што за мене представува голем предизвик и можност за личен професионален развој.  

Кои проекти на „Алма М“ ќе продолжите да ги спроведувате, а кои сметате дека треба допрва да се спроведат? На кои сектори од компанијата ќе им посветите особено внимание?

Ќе ми треба секако извесно време да се запознаам со сите специфики на секој сектор оделно и со менаџерскиот тим кој раководи со нив. Од таму ќе произлезе и мојот приоритет, а тоа е пред сè унапредување на функционалите способности, знаењето и вештините на луѓето од продажба, логостика и магацинско работење, но и од останатите сектори како администрацијата и финасии кои се клучни за успешно функционирање на компанијата.

Со тоа и транспарентната комуникација, меѓусебната поддршка, учењето и размената на искуствата води кон поголема ефикасност во работењето, подобри резултати, задоволни партнери, но пред сè задоволни и лојални потрошувачи за брендовите кои ги дистрибуира „Алма М“.

Имате долгогодишно искуство во FMCG-секторот, кое е Вашето мислење, кои се позитивните, а кои се негативните страни на кои треба да се работи? Бидејќи сте работеле во Србија, може да направите споредба меѓу тој и пазарот во Македонија?

Заедничко нешто што ги поврзува сите учесници во FMCG индустријата, почнувајќи од производителите, дистрибутерите и малопродажниот сектор е крајниот потрошувач.

Од него почнува и со него завршува успехот на една продажба. Задоволен краен потрошувач е признание за сите учесници во ланецот дека добро го завршиле својот дел од работата.

Клучниот момент за овој успех е дефинирање на заедничка стратегија и креирање на интегриран бизнис-план на производителите, дистрибутерите и малопродажбата кои не се поврзани само во делот на продажбата, туку и во останатите сектори кои имаат директно влијание на продажбата како маркетингот, трејд-маркетингот, логистиката и финасиите. Преку нивно поврзување, подобро разбирање, транспарентно комуницирање би се согледале реалните предизвици, можностите но и решенијата за голем број проблеми со кои се соочуваат сите чинители во синџирот.

Доколку правиме споредба на двата пазари можам да кажам дека структурално се многу слични, каде модерниот канал на продажба од година во година бележи се побрз пораст и развој, но сè уште значително влијание има и традиционалниот канал на продажба.

Но, исто така имаат и свои специфики кои ги отсликуваат моменталните трендови.

Како поголем пазар, на српскиот се присутни и големи интернационални малопродажни синџири како „Ахолд Делез“, „Лидл“ и „Метро“. Разбирањето на специфичностите на секој од нив посебно, овозможува полесно да се согледаат можностите и да изнајдат решенија за предизвиците кои најчесто произлегуваат од имплементација на одредени проекти кои се преземаат од другите пазари каде се присутни овие компании.

Од друга страна, пак, на македонскиот пазар покрај модерниот и традиционалниот продажен канал постои и каналот на дисконтери кој во последните години бележи поинтензивен пораст од остатокот на пазарот. Пазарот станува сè подинамичен, сведоци сме на одредени поместувања во КА каналот, создавање и брз развој на ЛКА групацијата и интензивен пораст на онлајн-продажбата.

Без разлика за кој пазар станува збор, сите нè движи една заедничка цел – секојдневно задоволување на потребите и очекувањата на купувачите и создавање на задоволни и лојални потрошувачи.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...