Македонија

Девет стартап компании ќе продаваат иновативни производи во „Тинекс“

29 Mar 2022

Од денес девет македонски стартап компании започнуваат со продажба на своите иновативни производи во рамките на предизвикот „Стартап Херои – Од супер идеја до супер маркет“, кој го реализираше Фондот за иновации и технолошки развој во соработка (ФИТР) со Тинекс маркетите и поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.

Во маркетот на „Тинекс“ во „Ист гејт мол“ и на девет други локации, достапни се производите на „Евал“ која ќе продава свежи тартуфи и најразлични производи во комбинација со македонски тартуф од домашно поднебје како и микрохрана произведена со ин-витро технологија – микропланта на компанијата „Плант“, „Матриошка“ -Вајс сладолед со вино. На полиците ќе се најдат и протеински крекери со намалени јаглехидрати на „Про-Фит Вис“, Chia Fresca –безалкохолен енергетски пијалок на база на чиа семе на стартапот „Кинадо“, „Скуп“ со три пакувања на премиум сладолед , „Пивара Бакрески“ со првото македонско безалкохолно крафт пиво, „Фила козметика“ со домашни козметички производи од природни состојки и „Пиволабс“ со пиво кое претставува хибрид од класична IPA со темни стилови на пиво.

Направивме значаен исчекор во продлабочување на соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартап компаниите, за која сигурен сум дека ќе ја поттикне иновативноста и конкурентноста на македонските компании. Покажавме дека нашата држава има потенцијал и може да понуди иновативни домашни производи кои заслужуваат да го пронајдат своето место на полиците низ маркетите. Со поддршката на Фондот и корпоративните партнери, Стартап хероите имаат можност да се промовираат рамо до рамо со големите брендови, можност за пристап до нови пазари и нови купувачи. ФИТР е институција која секогаш ги поддржува иновативните компании кои имаат амбиција и потенцијал да развијат успешна бизнис приказна. На стартапите им посакувам голем успех во пласманот и продажбата на своите производи за кои се надевам дека ќе успеат да се изборат за своето место на пазарот изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Вкупниот буџет за предизвикот изнесуваше 7 милиони денари, од кои ФИТР обезбеди речиси шест а ИМЕ еден милион денари, со максимален износ по апликација од 600.000 денари.

Цветанка Христовска, бренд директор на Тинекс, посочи дека вклучувањето на Тинекс во овој проект кој придонесува за развојот на стартап заедницата е од големо значење за нивната компанија која континуирано ги поддржува компаниите кои се во развој и на кои им е потребна поддршка за успешно да се претстават и развијат на пазарот.

Комисијата која одлучуваше за финалниот избор се состоеше од експерти од областа на предизвикот, од областа на развој на бизнис и/или маркетинг и продажба и по еден експерт од Тинекс,  ФИТР и ИМЕ. 

Соработката помеѓу јавниот, корпоративниот сектор и стартап компаниите е клучна за поттикнување на култура на иновации и подобрување на стартап екосистемот во земјата. Програмата за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ поддржана од Швајцарија помага во ваквото поврзување и обезбедува експерти кои ќе ги менторираат селектираните стартап компании во финализација на производите, развој на брендот и подобрување на атрактивноста на продуктот. На пример, Програмата ИМЕ се залага за употребата на алатки за невромаркетинг, што на компаниите им помага подобро да се подготват за да станат успешни добавувачи на супермаркети како што е „Тинекс“. Директниот влез на пазарот и менторството ќе им помогнат на стартап компаниите да дојдат до побрз раст, поголема операбилност, зголемени производни портофолија и да креираат нови работни места. „Стартап Херои“ се покажа како одлична иницијатива за мобилизирање и зајакнување на поврзувањето меѓу стартапите и етаблираните бизниси. Овие први искуства можат да послужат како пример за продолжување на успешниот пристап, кој поттикнува развој на технолошки напредни и иновативни производи за домашниот и меѓународниот пазар,  изјави заменик амбасадорот на Швајцарската амбасада во земјава, Лусиен Аегертер.

Предизвикот „Стартап Херои“ се спроведуваше во рамките на Програмата за корпоративна иновативност на ФИТР која има за цел да ја поттикне соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартап компаниите. Предизвикот беше наменет за малите стартап компании кои веќе имаат развиено прототип на иновативен производ со потенцијал за пласман како и активности со кои ќе го подготват својот производ за успешен влез во малопродажба во маркетите „Тинекс“.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...