Македонија

Злато и сребро од Германија за вината на „Венец“

07 Mar 2022

Винаријата „Венец“ е добитник на златен и на сребрен медал на пролетното издание на престижниот натпревар на вино „Мундус Вини“ што по 30. пат се одржа во Германија во периодот од 22 до 27 февруари. Виното Vranec Orle 2019 година го освои златото, а виното Temjanika Koria берба 2021 година се закити со сребрен метал.

Овие награди значат промоција и афирмација на македонското вино кое според својот квалитет е на исто рамниште со големите светски производители. Виното покрај економските придобивки на земјата во себе носи и симболична вредност поврзана со традицијата и историјата што го прави и најдобар бренд амбасадор на земјата. Препознавајќи го овој потенцијал потребно е во производство на грозје и на вино во нашата земја многу повеќе да се инвестира и да се афирмира на надворешните пазари бидејќи има големо извозно трговско значење. Ако тоа се направи успехот е неминовен, изјави Кире Ристов, енолог и одговорно лице во винарија „Венец“.

Виното Vranec Orle потекнува од истоимениот микролокалитет Орле каде се наоѓа и лозовиот насад на 600 м.н.в. Лозјето е старо повеќе од 22 години и се одликува со уникатен карактер кој го одликува тероарот на Дисанијата со  интензивна темно-црвена боја, овошен арома на зрели капини и сливи. Виното е одлежано 18 месеци во 228 литарски француски дабови буриња.

Виното Temjanika Koria потекнува од истоимениот микролокалитет Корија кој се наоѓа во атарот на селото Долни Дисан на 400 м.н.в. Лозовиот насад е стар повеќе од 17 години кој го изразува уникатниот карактер на самиот тероар во Дисанијата за сортата Темјаника. Се одликува со светло-жолта боја, арома на свеж босилек и бозел и го прави вкусно и возбудливо за пиење .

Винаријата „Венец“ произведува вино од 1952 година и користи различни рачно изработени, рафинирани техники и со тоа создава традиција повеќе од 50 години за подготовка на вина, а во процесот на обработка посветува особено внимание. Компанијата минатата година доби признание за „Македонски квалитет“, кое го доделува Сојузот на стопански комори и претседателот на државата.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...