Трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали што ќе значи намалени увозни давачки за домашните компании. Ова се овозможува со измените и дополнувањата на Законот за царинска тарифа кои беа усвоени од Собранието, а на кој Министерството за финансии работеше минатата година во консултации со бизнис-заедницата.
Со укинувањето на тарифите, според министерот за финансии Фатмир Бесими, се намалуваат трошоците за производство со што се влијае на зајакнување на конкурентноста на македонската економија.
Со овој Закон, смета Бесими, се придонесува кон подобрување на конкурентноста на домашните компании, поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето на нови компании со странски капитал од различни стопански сектори, проширување на производството на постојните капацитети на домашни и странски компании, како и зголемување на вработеноста.
Според министерот значајна поддршка на домашните компании и индустрија за намалување на трошоците на производство дополнително се прави и со укинување на царинската стапка за природен гас, што е предвидено со ова законско решение.
Во услови на пандемија и отежнато работење на компаниите од преработувачката индустрија, намалувањето на царинските стапки на одделни суровини и репроматеријали ќе ги олесни условите за работење на овие компании и ќе овозможи да се зголеми нивната конкурентност на пазарот, соопштија од Министерството.
Со Законот опфатени се суровини и производи кои не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз, а нивните царински стапки во увозот во Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи во примена во Европската унија. Со намалувањето на увозните давачки – царинските стапки на ниво од ЕУ, висината ќе се приближи кон царинските стапки што се применуваат во Европската унија, што значи ќе се овозможи да се подобри конкурентноста на домашните компании и ќе има поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето нови компании со странски капитал од различни стопански сектори.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.