Македонија

„Пакомак“ совети за правилно одложување на отпадот во зима

28 јан 2022

За време на пост празничниот период генерираме 30% повеќе отпад од обично, што значи дека се зголемува и количината на амбалажниот отпад кој завршува во корпите и контејнерите. Одговорното одложување на отпадот во зима е малку покомплицирано, но сепак многу важно за животната средина, велат од „Пакомак“. 

Од компанијата споделуваат неколку совети кои ќе помогнат уредно и совесно да рециклирате во зима.

Одложувањето на отпад од пластика, хартија и најлонски кеси станува многу потешко во зима, кога овие материјали можат да замрзнат, да се залепат за некоја површина и да се уништат пред да стигнат да бидат рециклирани. Но, доколку успеете добро да се организирате, одложувањето на отпадот нема да ви претставува никаков проблем.

Планирајте однапред

Додека температурите се ниски поретко сакаме да излегуваме надвор, особено ако немаме посебна причина да го напуштиме домот. Затоа, „Пакомак“ ви препорачува да го планирате одложувањето на отпадот однапред. Откако ќе идентификувате колку дена ви се потребни за да ги наполните кантите за отпадоци во домот, направете и план кога ќе го изнесувате отпадот. На пример, понеделник за пластика и хартија, среда за стакло и сабота за крупен отпад. Така ќе го организирате времето и ќе излегувате на ладно само тогаш кога е навистина потребно.

Внимателно со кесите и пластиката

Најлонските ќеси и најлонската амбалажа (за кои се надеваме дека се во заминување) можат да предизвикаат штета на повеќе од еден начин. Покрај тоа што не се еколошки, овие ќеси се многу деликатни поради материјалот од кој се направени, бидејќи можат да се залепат за ладна површина, лесно да се скинат и да направат ѓубре од отпадот. И додека најлонските ќеси лесно може да ги исфрлиме од употреба, сепак пластиката е неизбежна и насекаде околу нас. Она што можеме да го направиме е да го побараме соодветниот контејнер и таму да го одложиме пластичниот отпад. Контејнерот за одложување на пластика ќе го познаете по жолтата боја и знакот „Пакомак“ кој е залепен на него.

Секој отпад не е „ѓубре“

А сега ќе ве потсетиме дека не мора секој отпад да заврши во контејнер. Природните новогодишни елки може да ги насадиме во двор, а весниците и тетратките можат да завршат како компост. Електронските уреди кои не ги користиме може да се донираат, како и старата облека која повеќе не ја носиме. Сите овие работи може да користат некому – па затоа обидете се да го најдете соодветното место за нив.

Продолжете ја низата

Почетокот на календарската година е период кога правиме планови и ветувања за она што сакаме да го постигнеме во претстојната година. Тоа е одличен начин да ја „продолжиме низата“ и да убедиме некој од нашите блиски да се приклучи кон рециклажниот процес. Грижата за животната средина и за околината во која живееме е сечија обврска, па затоа потрудете се да им ја објасните важноста на одложувањето на рециклабилен отпад на вашите пријатели, роднини и луѓето од вашиот потесен круг. Кога и да зборувате на оваа тема со нив, кажете им ја максимата на „Пакомак“: Амбалажата која има минато, може да има и иднина!

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...