Македонија

Работодавачите не го прифаќаат трошокот за ПЦР тестови на невакцинирани работници

23 ное 2021

Во услови кога вакцинирањето против Ковид-19 е бесплатно, а одредени работници сепак не ја користат оваа поволност, донесувањето на евентуална одлука од страна на Владата со која работодавачите би ги покривале трошоците за ПЦР тестовите за работниците кои не сакаат да се вакцинираат би била целосно нелогична, неоправдана и неприфатлива, соопштија од Организацијата на работодавачи (ОРМ). 

Дополнително, е неприфатлив и предлогот за платени два слободни дена за вакцинација на работниците, бидејќи со ова би се довеле во нерамноправна состојба оние работници кои веќе се вакцинирани, а за кои претходно не важела оваа поволност. Ова се ставовите на членовите на ОРМ, во врска со најавата за новите предлог мерки за невакцинираните работници предложени од страна на Комисијата за заразни болести кои треба да ги разгледува Владата.  

Во време кога компаниите се соочуваат со голема неизвесност и се обидуваат да се обезбедат работа и опстанок на што поголем број работни места, предлогот со кој трошокот за тестирање на работниците кои не сакаат да се вакцинираат да падне на товар на работодавачите би претставувал големо и неоправдано дополнително финансиско оптоварување за компаниите, сметаат во ОРМ. 

Од таму предлагаат Владата да преземе други мерки со кои би се стимулирала имунизацијата на населението - на пример, Владата да воведе различен износ за боледување за вакцинирани и невакцинирани работници, во случај тие да се разболат од Ковид -19.

Од ОРМ велат најголемиот дел од компаниите и досега практикувале мерки со кои го стимулираа вакцинирањето против Ковид-19, како што се: исплата на еднократна парична награда за вакцинираните работници, слободен ден за секој вакциниран, бесплатен превоз за вакцинација во Србија, на вакцинираните не им се одбива награда или бонус за отсуство во случај да заболат од Ковид -19, како и други стимулативни мерки. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...