Македонија

Отворени „Винчини Центар за развој“ и „Прогресив Академија“

12 Nov 2021

Компанијата „Макпрогрес“ денеска беше домаќин на официјалното отворање на новоизградениот „Винчини Центар за развој“ и „Прогресив Академија“ во Виница.

Новиот центар е мултидисциплинарен објект со простори за обука и соработка, области за истражување и развој, лаборатории за сензорна анализа и креативно пакување, изложбени салони, музејска изложба итн. Од „Макпрогрес“ велат дека овој центар ќе биде двигател на иновации и развој на таленти преку подобрување на техничките и менаџерските вештини, помагање на стартапи, поддршка на млади професионалци и соработка со заедницата, приватниот сектор и академијата, за одржлив развој на регионот.

Навистина сме среќни што визијата за овој иновативен кампус која ја имавме од пред десет години, по неколку години изградба и развој на програми, стана реалност и центарот сега е официјално основан. Покрај поттикнување на иновативниот дух кај вработените како и создавање соработка и синергија со клучните засегнати страни во заедницата, во рамките на овој развоен центар имаме и две академии: „Винчини Академија“ за надградба на техничките вештини и „Прогресив Академија“ за извршни менаџери. Особено сум горд на партнерството со „Бери калебаут“, најголемиот производител на чоколада во светот, со кого ќе соработуваме во делот на Академијата за чоколади со цел обука на стручни лица за мајстори чоколатиери, изјави Глигор Цветанов, генерален директор на „Макпрогрес“ и претседател на Управниот одбор на Фондацијата „Прогресив Академија“.

Претставникот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анди Аранитаси, изјави дека ЕБОР, како еден од иницијаторите на образовните програми на „Прогресив Академија“, е горд што гледа дека овој 2 - годишен проект станува предводник за едукативен развој.

Низ сите програми за обука, гледаме силна застапеност на женски инструктори и учесници, во просек од 50%, што придонесува за родовата и економската инклузија која е на агендата на ЕБОР. Со нетрпение очекуваме да го видиме големото влијание кое овој центар ќе го има врз поединците и компаниите во регионот, изјави Аранитаси.

„Прогресив Академија“ е отворена за соработка со приватниот сектор, невладините организации, средните училишта и универзитетите, како и општините, владата и меѓународната донаторска заедница.
 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...