Македонија

Светска банка: Растот годинава 4,6 проценти , инфлацијата 2,4 отсто

22 Oct 2021

Раст на бруто домашниот производ од 4,6, но и на инфлацијата од 2,4 проценти се проекциите на Светска банка за Македонија за 2021 година.

Проекцијата од раст од 4,6 проценти на БДП до крајот на годинава во новиот извештај е корекција од дури еден процентен поен од предвидувањата во пролетниот извештај на Светска банка, што главно се должи на обновената домашна потрошувачка, но и зголемен раст на извозот во кој има голема увозна компонента.

Но освен во Македонија, Светска Банката предвидува економско закрепнување од рецесијата предизвикана од Ковид - 19 на целиот Западен Балкан со предвиден раст на БДП до крајот на годинава од 5,9 проценти. Според Извештајот економската дејност во регионот до крајот на годината ќе се врати на нивоата од пред пандемијата во речиси сите земји, освен во Црна Гора.

Сепак, позитивните трендови на растот на БДП се под закана на фискалниот дефицит, но и од бавното темпо на имунизација.

И покрај доказите за зголемување на темпото за вакцинција стапката за вакцинација во Западниот Балкан заостанува зад другите европски земји и тоа може да предизвика нови рестрикции како резултат на разгорување од нова пандемија… Политичката несигурност исто така ќе го забави закрепнувањето на домашните и странските инвестиции, изјави Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.

За поддршка на потенцијалниот раст на економиите по кризата, за тој да биде поодржлив, според експертите од Светска банка, властите треба да ја обноват фискалната одржливост. Еден од начините за тоа е поголемо ниво на собирањето на даноци.

Инаку рецецијата поради ковид кризата најмногу економски ги погоди жените и младите. Иако стапката на невработеност во земјава се намалила за 0,2 процентни поени во однос на четвртиот квартал лани невработеноста кај младите се зголемила.

Паралелно со закрепнувањето на економијата ќе се намалува куповната моќ на граѓаните. Според Светска банка, по изминатите години во кои речиси и да немаше инфлација оваа година таа ќе се зголеми за 2,4 проценти на годишно ниво.

Очекувањата и проценките се дека ова е минливо, односно привремена појава. Ќе видиме зголемување оваа година, но како ќе се норамализира состојбата ќе видиме и стабилизирање на инфлацијата, вели Сања Маџаревиќ – Шустер, виш економист за земјите од Западен Балкан.

Паралелно со проекциите на Светска банка за економските движења во регионот, вклучително и инфлацијата, Евростат излезе со податок дека цените во еврозоната во септември оваа година биле за 3,4% повисоки во споредба со истиот месец лани. Тоа е  највисоко ниво на инфлација во последните 13 години. 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...