Кредитната агенција „Стандард & Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ- со стабилен изглед, информираат од Министерството за финансии.
Како што се нотира во извештајот, стабилниот изглед што го објавува кредитната агенција за Р. С. Македонија ги рефлектира очекувањата дека проектираното економско задравување на земјава ќе помогне во лимитирање на фискалниот и надворешниот дефицит во следната година.
Агенцијата нотира дека рејтингот може да се зголеми доколку континуираните структурни реформи ги зајакнат институционалните капацитети, а истовремено ги зачуваат и одржливите фискални политики. Аспирациите за пристапување на нашата држава кон ЕУ може да бидат сидро за институционалните подобрувања и напредок на структурните реформи, се истакнува во извештајот.
Економијата на Р. С. Македонија заздравува од последиците од пандемијата. И покрај котракцијата во првото тримесечје, очекуваме дека економијата ќе оствари пораст од 3,7%. Порастот е придвижен од здравото закрепнување на странската побарувачка, која ги рефлектира спецификите на интеграцијата на земјата во меѓународните синџири на доставувачи, како и приватната потрошувачка, како резултат на придобивките од заздравувањето на приватните трансфери и од владините мерки за поддршка на стопанството, кои го ублажија расположливиот доход, се вели во извештајот.
Потенцијалното влошување на состојбата со пандемијата и придружните ограничувања остануваат ризик за економското закрепнување, но како што забележува кредитната агенција извозот на земјата се покажа отпорен на наметнатите ограничувања.
Во однос на државниот долг, агенцијата очекува тој да достигне 58% од БДП до 2024 година.
Законот за буџети, кој е во процедура на носење, може да помогне во зацврснување на прудентните фискални политики и зајакнување на фискалната рамка.
Надворешната отпорност на Р. С. Македонија се огледува во способноста на привлекување странски инвестиции, особено во областа на извозниот сектор, што може да се види и во состојбата на дефицитот на тековната сметка. Се очекува позитивниот тренд да продолжи од 2021 до 2024 година, се нотира во извештајот на „Стандард & Пурс“.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.