Македонија

Значителен пораст на барањата за заштита на трговски марки

22 Jul 2021

Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) во првите шест месеци од годинава евидентира зголемен број на поднесени барања за заштита на трговски марки за 31 отсто и за 7,9 отсто повеќе поднесени барања за заштита на патенти во споредба со истиот период од минатата година. 

Статистички гледано, во првата половина од минатата 2020 година до Државниот завод за индустриска сопственост беа поднесени 563 барања за заштита на трговски марки, а во првите шест месеци од 2021 година овој број се зголеми на 737 поднесени барања.

Што се однесува до патентите во првите шест месеци од 2020 година беа поднесени 496 барања за заштита додека во истиот период оваа година пристигнаа 535 барања за заштита на патенти. 

Искрено ме радува што граѓаните почнаа да ја препознаваат важноста од заштитата на правата од индустриска сопственост. Преку заштитата на правата граѓаните не само што градат свој бренд по кој во иднина стануваат препознатливи на пазарот истовремено го штитат својот капитал од пиратерија, изјави директорот на ДЗИС, Горан Герасимовски.

Во Државниот завод за индустриска сопственост покрај трговските марки и патентите може да се заштити географскиот назив и индустрискиот дизајн. Заштитата на овие производи и идеи овозможува посигурна положба на пазарот, јакнење на конкурентноста на претпријатијата како и зголемување на нивната пазарна вредност.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...