Околу 400 македонски компании од автомобилската, прехранбената и лесната индустрија од Македонија треба да бидат вклучени во базата на податоци на компании од Западен Балкан при процесот на мапирање на доставувачи.
Дата базата е иницирана во рамки на Коморскиот инвестициски форум. На овој начин, заедно со останатите доставувачи од Западен Балкан, македонските компании ќе станат подостапни за регионалните и глобалните синџири на снабдување.
Базата ќе ги содржи основните податоци за компанијата, податоците за производствените капацитети, технологии што ги применува компанијата во производството, сертификатите со кои располага, нивната позиција во синџирот на снабдување, земјите во кои извезува и.т.н.
Кон оваа база ќе бидат вклучени и податоци за компании кои имаат активен ангажман на полето на циркуларната економија.
Сумарно за сите посочени сектори, оваа дата база треба да содржи податоци за приближно 2.000 доставувачи и инвеститори кои се вклучени односно имаат потенцијал за поголема вклученост во регионалните и глобалните синџири за снабдување, истакна Татјана Штерјова Душковскa од Стопанската комора, која е генерален секретар во Коморскиот инвестициски форум.
Од Стопанската комора на Северна Македонија очекуваат кон оваа дата база да се приклучат најмалку од 300 до 400 компании од сите сектори од земјава.
Автомобилската индустрија ќе биде првиот сектор каде ќе се изврши мапирањето кое треба да заврши кон почетокот на јули, а за останатите сектори, овој процес треба да заврши до крајот на годината.
Освен ова, обезбедена е и техничка помош за 60 компании од регионот за дигитална трансформација, како и техничка поддршка за 60 компании за изготвување на проекти за добивање на средства преку европските фондови за надградба на нивните постојни или набавка на нови капацитети. Планирано е да се организираат и повеќе средби меѓу овие компании со цел нивно вмрежување.
Од Стопанската комора на Северна Македонија ги повикуваат сите заинтересирани компании да се вклучат кон оваа база на податоци.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.