Од вкупниот број на поведени арбитражни постапки во последните пет години, од 2015 до 2020 година, 60 отсто биле спорови без меѓународен елемент, односно само меѓу домашни компании, додека 40 отсто имале меѓународен елемент.
Ова го покажуваат статистичките податоци од спогодбеното решевање на трговските спорови, Арбитражата, при Стопанската комора на Македонија, презентирани на прес-конференцијата на Комората.
Најголем број од постапките, или 42,5 отсто биле со вредност на предметот од 10 до 50.000 евра, додека најмалку или 12,5 отсто имале вредност од 50 до 100.000 евра. Како странки во арбитражните постапки во анализираниот период се трговски субјекти од РС Македонија, Турција, Бугарија, Косово, Романија, Русија, Хрватска, Саудиска Арабија, Србија, Кина и други. Најмногу тужбени барања биле по основ на долг (75 отсто) и за надомест на штета биле (15 отсто).
Елена Милевска Штрбевска, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, го акцентираше значењето на арбитражата, давајќи споредба со судските постапки, поради неколку факти: брзината на решавањето на споровите, ефикасноста, непристрасноста, доверливоста и брзото донесување на крајните пресуди и нивно извршување кое најчесто е доброволно од страна на компаниите кои заеднички ја прифатиле пресудата.
Просечното времетраење на постапките во Арбитража при СКМ постојано се намалува и во 2020 година изнесува 184 дена, односно приближно шест месеци. Судските постапки во просек лани, според извештаите на Судскиот совет, пред основните судови траеле од 234 до 679 денови, а ако на тоа се додаде и времето за постапките по жалба пред апелационите судови, кое се движи и од 440 до 709 денови, вкупното просечно времетраење во прв и во втор степен изнесува најмалку 600 дена. Ќе се согласиме дека тоа е далеку подолго од арбитражата која завршува во еден степен, како правосилни и извршни, рече Милевска Штрбевска, која дода дека и вкупните трошоци се пониски од оние при судските постапки и странките имаат автономија при изборот на арбитрите, јазикот и местото на арбитражата, па токму затоа и светските трендови покажуваат сѐ поголемо користење на алтернативните методи за решавање на споровите.
И покрај сите предности, арбитражата сѐ уште недоволно се користи во домашната практика и токму затоа, според Милевска Штрбевска, треба да се работи на развивање на арбитражната култура меѓу деловните субјекти, за што Комората веќе донесе модерни, нови правила што ги спроведе во практиката во минатиот месец.
Од СКМ најавија дека, во рамки на заложбите за развој на арбитражата и доближување на европските искуства, со поддршка на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) следната недела ќе организира меѓународна конференција на истата тема како и на денешната прес конференција: Бизнисот и арбитражата во ерата на глобализацијата: предизвици и перспективи, која ќе се одржи онлајн.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.