Како и целиот Западен Балкан, така и Северна Македонија ја доживеа најдлабоката рецесија од осамостојувањето до денеска. За да се справи со пандемијата, државата имаше фискален простор – неколку години имаше низок фискален дефицит, а и ниско ниво на јавен долг, но она што сакаме да се постигне како цел во однос на јавниот долг, е тој да опстане и во наредните година на ниво до 60 проценти од бруто-домашниот производ, порача Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, при презентирање на пролетниот извештај на Светска банка.
Среднорочните изгледи се позитивни, ама и негативните ризици се нагласени. Пандемијата е тука и ќе остане, особено ако не се забрза вакцинацијата. Откако оваа пандемија ќе биде зад нас, поради историски највисокото ниво на јавниот долг, обновувањето на фискалната одржливост има висок приоритет. Потоа, треба да се истакне значењето на владеењето на правото, образованието и градењето на човечкиот капитал. Во Северна Македонија реформите во образованието се на прво место. Исто така, треба да продолжи дигитализацијата и градењето зелена економија и на крај, но не најмалку важно, треба да се работи на зајакнување на приватниот сектор во однос на неговата конкурентност и продуктивност, вели Маџаревиќ-Шујстер.
Од Светска банка оценуваат дека јавниот долг и годинава ќе продолжи да расте, но со понамалено темпо поради економскиот раст, и дека 2021 година ќе ја завршиме со ниво на јавен долг под 65 проценти од бруто домашниот производ. Оттаму велат дека државната поддршка треба да продолжи и понатаму – на краток рок да има поддршка на домаќинствата и на фирмите, но таа да биде понасочена и постепено да се повлекува поддршката во поголеми износи.
Прогнозата на Светска банка за годинешниов раст на БДП кај нас е дека тој ќе изнесува 3,6 проценти. Целиот регион на Западен Балкан годинава се очекува да има раст од 4,4 проценти, а минатата година забележал пад од 3,4 проценти.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.