Виното Terrasse à l’Ombre е создадено од првата берба по преземањето на француската винарница „Шато де Гурдон“ (Château de Gourdon) од страна на „Тиквеш“.
Уште на првото оценување од меѓународно жири на најголемиот вински натпревар „Мундус вини“ (Германија), Terrasse à l’Ombre се закити со двоен златен медал и го доби признанието „Најдобро вино од долината на реката Рона“, еден од најважните вински региони во Франција. Како што се наведува во соопштението на „Тиквеш“, овој исклучителен успех на Terrasse à l’Ombre е резултат на синергијата меѓу уникатното поднебје по течението на Рона, француската винарска традиција и посветеноста и вештините на тимот на македонската винарска визба.
Ретки се пригодите, особено во светот на виното, кога може навистина да се почувствувате горди. Освојувањето на двоен златен медал и признание за најдобро вино на еден од најпознатите француски вински региони, дефинитивно е повод за големо задоволство и гордост. Овие високи награди и признанија го издигнуваат Terrasse à l’Ombre на ниво на светска винска икона, а „Тиквеш“ го вбројуваат во еден од најдобрите светки вински производители. Нашата визија е да излеземе од просечноста и вообичаеното, а со тоа да прераснеме во вистински лидер не само во регионот, туку и во светски рамки, вели Светозар Јаневски, претседател на Управниот одбор на „Тиквеш“.
Голем дел од заслугите за овој успех ги има и винскиот консултант Филип Камби, кој долги години соработува со „Тиквеш“ и чии насоки и совети му овозможија на енолошкиот тим на винарницата да креира врвно вино. За уникатните карактеристики на виното заслужен е и македонскиот тим предводен од главниот енолог, Марко Стојаковиќ. Виното е богато, комплексно и впечатливо, со полно тело и совршено балансиран вкус, кој изобилува со кадифени танини и ненадминлива елеганција, велат енолозите од „Тиквеш“.
Црвеното вино Terrasse à l’Ombre (тераса во сенка) е купаж, во кој доминира црниот гренаш, со специфично влијание на зачинскиот карактер на сортата сира. Тоа е произведено во француската винарница „Шато де Гурдон“, која постои од 1870 година, а од 2018 година е дел од системот на „Тиквеш“. Лозјата што се дел од овој посед се простираат на 50 хектари во долината на јужна Рона.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.