Со трговците зборувавме зошто е важно на полиците да имаат домашни производи, со колку македонски производители соработуваат, како и дали посветуваат посебни програми и кампањи. Прочитајте ги ставовите на „Веро“, „Тинекс“ и на „Жито“.
„Веро“: Посветено ја промовираме домашната понуда
Владан Стефановиќ, директор на продажба во „Веро“
„Веро“ посветено и на најдобар можен начин ја промовира домашната понуда на производи и ги поддржува локалните производители. Со тоа ја поддржуваме домашната економија, им го даваме неопходниот стимул на локалните производители и создаваме партнерска врска со нив во целиот синџир на функционирање. Со промовирањето на македонските производи во „Веро“ им овозможуваме на производителите постојано да го прошируваат асортиманот и да го подобруваат квалитетот на нивните производи, што повлекува поголема побарувачка од потрошувачите. Сите овие врзани активности овозможуваат економски напредок на локалната заедница, нови вработувања, задржување на постојните работни места, поголеми приходи за државата од даноци и придонеси и сл.
Во поглед на домашните брендови, тие сочинуваат повеќе од 70% од асортиманот во маркетите „Веро“. Практично сите поголеми производители од Македонија се присутни на нашите полици, со голем дел соработуваме веќе 20 години, а се трудиме овој асортиман на домашна понуда постојано да го зголемуваме. Домашните производи со ист квалитет како и увозните по правило имаат пониска цена поради помалите трошоци за производство и за транспорт и сл. Во овој контекст особено се важни домашните свежи производи, како што се месо, овошје и зеленчук, сирење, деликатесни производи, кои се главната причина за доаѓањето на потрошувачите во одреден синџир маркети поради достапноста, свежината, рецептурата и производството што одговараат на локалниот вкус на потрошувачот и сл.
Поддршката и на домашните производители е основен дел од нашата корпоративна стратегија за развој, при што вратите на „Веро“ се отворени за сите домашни производители, без оглед на нивната големина. Нашите стручни тимови постојано работат на изнаоѓање нови домашни доставувачи со кои дополнително ќе ја зголемиме богатата понуда на домашни производи на полиците во нашите маркети. Како општествено одговорна компанија, честопати организираме посебни промоции на домашните производи, а со задоволство се вклучуваме и ги поддржуваме сите активности. Активно се вклучивме во акцијата „Купувам домашно“ поттикната од Владата, со тоа што организиравме специјални промоции и обележување на домашните производи. Така овозможивме нивна поголема видливост и дополнителен стимул за нивен добар пласман и промоција пред потрошувачите. Ваквата стратегија останува наша примарна цел и во иднина.
„Тинекс“: Постојано расте бројот на домашни производи во маркетите
Да се купуваат домашни производи бидејќи се гради свесност за домашните производи, за големината на домашниот пазар, па производителите се трудат да имаат што поголем асортиман на производи, инвестираат во проширување на своите производствени капацитети и нудат производи со одличен квалитет и прифатливи цени. Производите најчесто се посвежи бидејќи патот од производителот до потрошувачите е многу пократок, па така потрошувачите имаат можност да ги почувствуваат бенефициите од купување домашни производи. Договарањето за пласман и продажба на домашни производи е многу полесно отколку со странски компании, поради јазичните и културолошки бариери. Преку соработката со домашните производители директно се влијае врз афирмацијата на македонското производство и се зголемува бројот на вработувања во домашните компании.
Домашните брендови земаат голем удел, односно околу 25% (5.950 производи) од вкупниот асортиман на производи што ги има во нашите маркети, но тој постојано се зголемува како што се зголемува и бројот на домашните понудувачи на производи. Моментално имаме околу 100 одлични соработници од различни категории производи, како основни производи, свеж зеленчук и овошје, козметика, средства за хигиена и друго.
Производите од домашни производители, по својата природа, се поблиски до народот, односно им се познати, па така купувачите без двоумење ги избираат токму нив. Како компанија особено се залагаме за промотивни активности на сите производи, во сите наши летоци и акции секогаш се застапени домашни производи. Сме организирале и посебни кампањи за промовирање само на домашни производи, а како последна ќе ја издвоиме „Вкусовите на Македонија“, за која имаше одличен интерес и од купувачите и од производителите. Во иднина планираме да имаме уште повеќе и поразлични промотивни активности кои ќе бидат наменети за производи од македонско потекло.
„Жито“: Поттик за домашните производители
Горан Арсовски, комерцијален директор во „Жито“
Вклучувањето што е можно повеќе домашни производи во портфолиото на маркетите на „Жито“ не е само обичен „локал-патриотизам“, туку поттик за домашните производители и, секако, дополнителен импулс за домашната економија. Во маркетите „Жито“, уште од почетоците во 1988 година, имаме стратешка определба нашата понуда до крајните потрошувачи постојано да ја надградуваме со вклучување домашни производи. Искуството ни покажува дека не сме погрешиле во оваа наша определба. Затоа што со порастот на нашата компанија, пропорционално растеа и мноштво домашни компании што беа наши партнери од почетоците. Задоволството е во повеќе насоки, бидеjќи сме препознале квалитет заснован на долгорочно и стратешко партнерство за соработка, а граѓаните добиле дополнителна вредност за вложените пари.
Кога му даваме шанса на домашен производител, ние му нудиме на нашиот купувач домашен квалитетен производ, си помагаме самите на себе како економија бидејќи сме му дале шанса на некој што тука изградил бизнис.
Уделот на македонски производи во вкупниот асортиман е најразличен во различни категории. Во секоја категорија конкуренцијата е многу силна, а станува тренд домашните производители да влегуваат во костец со светските брендови, што е одличен показател за кондицијата на некои домашни производители.
Препознавајќи ги трендовите, „Жито“ веќе неколку години наназад развива своја сопствена приватна марка 5ка. Овој бренд, во суштина, е граден врз партнерски односи со успешни домашни производители.
Ковид-кризата поттикна многу национални економии да се завртат кон себе и повеќе да ја развиваат домашната компонента, особено во трговијата и производството. Такви примери имаме и во нашето непосредно соседство. Ова може да биде дополнителен импулс, не би рекол за грубо фаворизирање на домашните производители, туку повеќе како отворање дополнителен простор за искористување на сопствените потенцијали. Да, овие кампањи се сосема во ред за краткорочни ефекти. Меѓутоа, ова не треба да биде само еднократна релација, на ова повеќе размислуваме како стратегија за развој, за нешто што би имало подолгорочни и поопстојни ефекти врз националната економија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.