Македонија

ОПМ презентира кредитни калкулатори

15 Mar 2021

По повод 15. Март, Светскиот ден на правата на потрошувачите, Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) организира работна онлајн-средба, чија цел е да се подобрат финансиските услуги за потрошувачите.

На средбата присуствуваа повеќе од 66 учесници од Министерство за финансии, Министерство за економија, НБРСМ, Агенција за супервизија на осигурувањето, Македонска банкарска асоцијација, како и даватели на финансиски услуги: банки, штедилници, осигурителни компании, брокерски куќи и други институции.

На средбата беа презентирани кредитни калкулатори, кои ќе им помогнат на потрошувачите да донесат информиран избор при земање кредит, предвремено отплаќање кредит или при одлучување дали да го искористат дозволеното пречекорување на трансакциската сметка или картичката.

При изработката на калкулаторите тргнавме од прашања што се од значење за потрошувачите, како на пример, од што зависи висината на средствата што ќе ги одобри банката, висината на месечната рата, времето на отплата, како и висината на каматата. Ги едуцираме потрошувачите пред да се одлучат да земат кредит, да направат сопствена пресметка по следниот редослед – да ја утврдат месечната рата што можат да си ја дозволат врз основа на месечните приходи и трошоците (ратата не треба да надминува 30% од вкупните месечни приходи) и да размислат за времето на отплата на кредитот. Кога ќе одлучат за параметрите што се карактеристични за нив, можат да ги внесат во соодветните полиња на калкулаторот и да се одлучат за најповолниот кредит, велат од ОПМ.

Калкулаторите и две брошури (за правилен избор на потрошувачки или хипотекарен кредит), се поставени на веб-страницата на ОПМ.

Овие активности на ОПМ се поддржани од ЕУ преку Европската организација за заштита на потрошувачите – BEUC и проектот „Empowering financial services consumers and representing their interests“ (Унпредување на финансиските услуги наменети за потрошувачите и претставување на нивните интереси).



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...