Македонија

Превозници заглавени на границата со Грција

05 мар 2021

Превозниците на стока одвај успеваат да ги достават договорените испораки поради новите правила за влегување и транзитирање низ Грција, како дел од мерките за сузбивање на коронавирусот.

Проблемите почнаа кон крајот на февруари кога грчките надлежни органи воведоа задолжителна обврска за брзи тестови на секое лице што влегува на нивна територија. Со оваа одлука се опфатени и професионалните возачи што управуваат моторни товарни возила иако се самоизолирани во својата кабина. Во исто време, царинските служби на граничните премини воведоа ограничено работно време од 7 до 19 часот. 

Со затворање на граничните премини „Дојран“ и „Меџитлија“ и ограниченото време на работа на „Богородица“, протокот на стока е намален за 50 проценти и повеќе.

Грчките превозници, пак, утрово од 7 часот го блокираа граничниот премин „Евзони“ од грчка страна во знак на протест поради рестриктивните мерки на граничниот премин – ограниченото работно време и правењето на ПЦР-тестови на сите возачи, без разлика на државјанството. Пред неколку дена и Бугарија побара од Грција веднаш да престане со тестирање против ковид-19 на возачите на камиони на нејзината граница затоа што е во спротивност со регулативите на ЕУ. Поради заострување на мерките за влез во Грција со ПЦР-тестови за возачи на меѓународни камиони од 22 до 7 часот наутро, доаѓа до загуби и казни и значително се забавува распоредот на бугарскиот транспортен бизнис, се вели во соопштението до бугарското министерство за надворешни работи. Според бугарските превозници, ова е уште едно кршење на европскиот договор за зелени транспортни коридори од страна на Грција, поради што предупредија дека движењето на граничниот премин меѓу Бугарија и Грција може да биде блокирано.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...