Македонија

Е-трговците ќе добијат беџ за верификуван е-трговец

26 Jan 2021

Преку беџот за верификуван е-трговец ќе се прави јасна разлика меѓу регистрирани и нерегистрирани е-трговци

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија воведува „Беџ за верификуван е-трговец”, кој ќе овозможи јасна дистинкција на онлајн-продавниците кои се регистрирани субјекти и ги исполнуваат основните правила и законски прописи од останатите онлајн-продавници кои не се целосно усогласени или пак воопшто не се регистрирани и се дел од сивата економија.

Беџот за верификација е дел од иницијативата „Е-трговија за сите“, која е поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Целта е граѓаните да ги препознаваат онлајн-продавниците кои ги исполнуваат неопходните регулативи за работење во е-трговијата и да одигра едукативна улога за компаниите кои работат со е-трговија односно да ги мотивира постоечките е-трговци да ги имплементираат сите правила и прописи во своето работење.

Во време кога е-трговијата зема сѐ поголем замав, а луѓето сѐ повеќе се охрабруваат да купуваат онлајн, важно е купувачите да можат да ги разликуваат онлајн продавниците кои ги исполнуваат основните правила и прописи, од оние кои се или неусогласени согласно регулативата или пак се дел од сивата економија. Потребно е купувачите да се свесни од каде купуваат или прават нарачки со цел да се заштитат и од какви било идни потешкотии (како враќање на производот доколку не се задоволни). Купувачите треба да знаат и дека кога купуваат од нерегистрирани субјекти (на. пример преку социјални медиуми) немаат заштита согласно Законот за заштита на потрошувачи, велат од АЕТМ.

Беџот ќе биде визуелна ознака која ќе биде поставена на веб-страниците на домашните е-продавници. За добивање на беџот е-трговците треба да исполнуваат одредени услови како: да има објавено седиште и адреса, контакт податоци (е-маил адреса), даночен број – ако е-трговецот е ДДВ обврзник, да има поставена политика за враќање на производите, политика за заштита на лични податоци, да поседува ССЛ сертификат, да ги има јасно и транспарентно објавени цените на производите и услугите итн.

Сите заинтересирани е-трговци, ќе може да се информираат подетално и да аплицираат за беџ за верификација преку веб платформата ecommerce4all.

Дополнително, ќе се создаде ажуриран регистар на сите е-продавници кои ќе добијат беџ.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...