Пад на македонската економија од 4,9 проценти годинава проектира Европската комисија во својата eсенска прогноза објавена денеска. Со пролетната прогноза ЕК очекуваше пад на БДП од 3,9 отсто.
За следната година се прогнозира раст на БДП од 3,8 насто, а за 2022 година од 3,5 насто.
За приватната потрошувачка се смета дека годинава ќе се намали за 4,3 проценти за во наредните две години да има раст од 4,5 и 4,7 насто. За јавната потрошувачка прогнозите се позитивни – раст од 3,3 годинава и 2,9 и 3,1 во наредните две години. Падот на извозот годинава е предвиден на 15,5, а на увозот на 12,5 проценти.
Вработеноста се очекува годинава да се намали за 0,3 проценти, за наредните две години да порасне за 0,5 и 2,4 отсто. Од друга страна, стапката на невработеност би изнесувала 17,3 годинава, во 2021 година би имала минимален пад до 17,1, а во 2022 година би била 16,6 проценти.
Домашната побарувачка, иако е поддржана од владините мерки, останува пригушена и по укинувањето на мерките за ограничување. Остриот пад на дознаките влијае негативно на трошоците на домаќинствата. Има срамежливи знаци дека надворешната побарувачка закрепнува, а растот на приватната потрошувачка и инвестициите е предвидено да се врати во четвртиот квартал. Водено од домашната побарувачка, целосното оправување до пред-ковид нивоата веројатно ќе трае до 2022 година, пишува во делот за Македонија во извештајот.
Се вчитува следна вест...