Skopje Marketing Summit 2021

Лазар Џамиќ: Креирање контент во свет на лесно игнорирање

22 Apr 2021

Лазар Џамиќ, предавач по дигитален маркетинг на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград (ФМК), Бизнис-школата Лозана (БСЛ) и Економскиот факултет во Љубљана, ќе биде говорник на првиот Skopje Marketing Summit што ќе се одржи онлајн на 20 мај во организација на агенцијата „Кликер маркетинг“ и магазинот InStore. Тој ќе зборува на тема „Креирање контент во свет на лесно игнорирање“.

Еден од најистакнатите бренд и маркетинг-стратези во регионот, со повеќе од 20 години искуство. Лазар е поранешен раководител на секторот за бренд-планирање во креативниот тинк-тенк на Google ZOO во Лондон, каде што го оформи стратешкиот тим и во индустријата воведе два од првите светски Creative Data Scientists. Неговата мисија во Google беше да ја претвори светлината во топлина, односно огромното количество податоци да го претвори во длабоки согледувања за создавање одлични приказни за брендовите.

Пред Google, Лазар работи како директор за стратегија во неколку лондонски креативни агенции и беше еден од првите дигитални стратези во Велика Британија. Работел на кампањи и програми за некои од најомилените брендови во Велика Британија, како што се Tesco, John Lewis, Waitrose, Virgin Holidays, Nando’s итн.

По враќањето од Лондон, Лазар е еден од најбараните предавачи за дигитален маркетинг и трансформација. Работи со некои од најголемите локални и регионални клиенти како што се Telenor, Mercator, Adidas, Erste Bank и други. Тој беше член и на Советот за креативни индустрии на српската премиерка, советувајќи за аспектите на развој на креативните сектори во Србија, како и консултант за креативни индустрии во Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Тој е предавач за маркетинг во регионална академија PwC Mini MBA, поранешен новинар, соработник на The Guardian и автор на неколку бестселери. Лазар е редовен говорник на глобални и регионални конференции на теми за дигитален маркетинг и storytelling. Неговата книга „The Definitive Guide to Strategic Content Marketing“ беше објавена од лондонската издавачка куќа Kogan Page во 2018 година.

На Skopje Marketing Summit, настан наменет за сите маркетинг-професионалци, креативци и вљубеници во маркетингот, Лазар ќе зборува на тема „Креирање контент во свет на лесно игнорирање“.

Настанот ќе се случува онлајн на 20 мај и ќе биде бесплатен за следење. Повеќе информации погледнете на https://mk.marketing-summit.mk/.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...