Skopje Marketing Summit 2021

Екрем Дупановиќ: За времето кога маркетингот беше господска работа

16 Apr 2021

Екрем Дупановиќ, главен уредник и издавач на порталите Media Marketing и ART & Business, ќе биде говорник на првиот Skopje Marketing Summit што ќе се одржи онлајн на 20 мај во организација на агенцијата „Кликер маркетинг“ и магазинот InStore. Тој ќе зборува на тема „За времето кога маркетингот беше господска работа“.

Екрем почнува да работи во рекламната индустрија пред 50 години. Првите 15 години работи во економско пропагандната програма на Радио Сараево (1970-1985), а потоа преоѓа во маркетинг-агенцијата ОССА, каде што пет години го води тимот за спортски маркетинг. Во 1990 година, бил назначен за директор на југословенско-швајцарската агенција за маркетинг ИМС/СТУДИО 6 Југославија, основана заедно со ОССА и ИМС/СТУДИО 6 од Лозана. Наскоро по основањето, оваа агенција станува првата официјална агенција на југословенската влада на чело со Анте Марковиќ.

Тој има огромно искуство на работа на спонзорски проекти за големи меѓународни настани, како што се Зимските олимписки игри во Сараево 1984 година, Светското првенство во скијање во Сараево 1987 година, Европското првенство во атлетика „Сплит 1990“, Светското првенство во скијачки летови „Планица 1994“ итн. По избувнување на војната во БиХ, тој ја основа агенцијата „Футура медиа“ со седиште во Сараево. Во 2003 година почна да го уредува и издава списанието „Медиа Маркетинг“, а во 2011 година порталот Media Marketing, кој денес е еден од најрелевантните медиуми за комуникациската индустрија во Јадранскиот Регион.

Неодамна го основаше и порталот ART & Business, кој се занимава со спонзорство во културата и уметноста.

Автор е на пет книги. Во декември 2016 година, Екрем ја објави книгата „The Best of Adriatic Creative Directors“, во која на 380 страници ги претстави 26-те најуспешни креативни директори на Јадранскиот Регион и 130 од нивните најдобри кампањи. Во декември 2017 година беше објавена книгата „Хотел Југославија“ од автобиографски карактер. Во април 2018 година беше објавена книгата „Креативно портфолио 01 – Најдоброто во рекламирање на Јадранскиот Регион во 2017 година“, што ја подготви заедно со неговата ќерка Асја. Книгата на 400 страници претставува 160 комуникациски кампањи што беа наградени во 2017 година на национални и регионални фестивали. Во март 2019 година, заедно со Асја, ја објави втората книга „Креативно портфолио“ со кампањи што освоија фестивалски награди во Јадранскиот Регион (146 кампањи, 420 страници), а во март 2020 година го објави третото креативно портфолио.

Екрем е многу посветен на младите и се труди да ги поддржи во реализација на нивните успешни кариери. Еден од најголемите проекти на порталот Media Marketing е „The Young Leaders for Tomorrow“ (Младите лидери за утре). Во јуни минатата година, тој собра 80 млади лидери на комуникациската индустрија и предавачи од Јадранскиот Регион на четиридневна конференција што се оддржа на Јаподските Острови во близината на Бихаќ. Годинава конференцијата беше откажана поради ковид-пандемијата.

На Skopje Marketing Summit, настан наменет за сите маркетинг-професионалци, креативци и вљубеници во маркетингот, Екрем ќе зборува на тема „За времето кога маркетингот беше господска работа“.

Настанот ќе се случува онлајн на 20 мај и ќе биде бесплатен за следење. Повеќе информации погледнете на https://mk.marketing-summit.mk/.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...