Колумни

Колумна во Понеделник: Инфлација, цени, флуктуации

13 јун 2022

Пишува: м-р Марјан Стоилов, директор за продажба, „Прилепска пиварница“

Секој менаџер за продажба, посакува предвидливи планови за продажба, процес на продажба кој обезбедува стабилни приходи за остварување на плановите и победнички тим со високи перформанси. Реалноста е дека во денешниот нестабилен и постојано променлив пазар, клиентите го променија начинот на кој работат, а консументите ги менуваат своите навики. Она што носело успех во минатото не е гаранција дека ќе функционира во иднина.

Само што престанавме да носиме маски и да се поздравувавме со дистанца, и со тоа се намалија пандемиските влијанија, па почна воениот(те) конфликт, глобалните трговски борби за надмоќ и освојување на пазари. Сумарно, сите тие макроекономски фактори  силно влијаат на порастот на енергијата, суровините и ресурсите, а со тоа и на трошоците.

Најактуелната тема деновиве е инфлацијата и за тоа како ја доживуваме и се справуваме со неа.

Многу често користен термин овие денови, но што е тоа инфлација?

Инфлацијата е пад на куповната моќ на одредена валута со текот на времето. Квантитативната проценка на стапката со која се случува падот на куповната моќ може да се рефлектира во зголемувањето на просечното ниво на цените во кошницата со избрани стоки и услуги во една економија во одреден временски период. Порастот на општото ниво на цените, често изразен во проценти, значи дека единицата валута ефективно купува помалку отколку што купувала во претходните периоди.

Од перспектива на трошоците, алтернативно објаснување за инфлацијата е дека таа е предизвикана од нивниот пораст, како последица на различни причини: зголемување на цената на енергенсите или суровините, пораст на платите и зголемувањето на маржите.

Звучи познато? Па сето ова се случува сега.

Дисбалансот во хронолошкиот распоред на порастот на трошоците, платите и цените, ги става во напрегната состојба и компаниите и потрошувачите.  Цените на суровините  и енергенсите се веќе променети, а продажните цени сè уште не се во сразмер кој го нивелира билансот на успех. За потрошувачите пак, цените на производите и трошоците во домаќинството (енергенсите) веќе се зголемени, а приходите не и/или не со во тој сразмер.

Сето тоа иницира промена на навиките потрошувачите, а во компаниите флуктуации на кадрите и на подолг рок ја менува класната структура.

Неизвесноста пак, ги прави потрошувачите резервирани и воздржани, и иницира недоверба кон цените.

Сите го живееме овој период и за негативната страна на инфлацијата да се напише во една колумна можеби и не е доволно, па ајде да ја видиме позитивната страна:

1. Зголемени инвестиции и трошење:

Како што се зголемува инфлацијата, потрошувачите се поттикнати да ги придвижат одлуките за купување. Наместо да чекаат до следната година кога производот ќе биде поскап, потрошувачите рационално избираат да купат сега отколку да платат повеќе следната година. Ова не е случај за FMCG индустријата. Потрошувачите се исто така поттикнати да го најдат најдобриот поврат на инвестицијата. Бидејќи парите почнуваат да ја губат својата вредност при инфлација, неопходно е да се „победи“ само за да се одржи истата куповна моќ.

2. Вредноста на капиталот расте.

Она што се случува за време на овие периоди на зголемена инфлација е дека потрошувачите и бизнисите ги забрзуваат одлуките за купување и трошат побрзо, дали во исплатливи залихи или, тие го преместуваат својот капитал во неликвидни средства, на пример во недвижен имот. Она што се случува, во реалноста, е мешавина од двете. Значи, постојаното инфлаторно опкружување е предизвикано од повисоките нивоа на трошење додека потрошувачите ги забрзуваат одлуките за купување. Во исто време, гледаме и зголемување на цената на недвижноситите на пример, кои освен заради градежните трошоци, имаат пораст и како резултат на зголемена побарувачка затоа што има повеќе интерес да се префрлаат инвестициите во неликвидни средства што можат подобро да се заштитат од еродирачките ефекти на инфлацијата.

3. Ја намалува вредноста на долгот кај бизнисите/потрошувачите со кредит.

Во состојба на зголемена инфлација, штедачите со депозити се во понезавидна ситуација, за разлика од должниците чиј долг/кредит ја намалува вредноста.

4. Подобро е од дефлација која води кон економска стагнација.

Во нашето секојдневие, секој ден цените на производите растат, иако владите се обидуваат да преземат мерки за стабилизација. Невидливата рака на пазарот ќе си го работи своето, а прашање на време е кога балансот ќе биде постигнат. Што поскоро тоа подобро, но неизбежно баланс ќе се постигне. Се разбира, не сите индустрии и не од истите причини се засегнати од овие макроекономски влијанија.

Цени:  Компаниите не можат доволно брзо да ги зголемат цените на производите, не со таа брзина со која се менуваат влезните параметри: суровини, енергенси и плати им се зголемени.  Не можат заради пазарното ограничување и конкуренцијата. Компаниите кои направиле залихи (доколку роковите дозволуваат)  можат да станат поконкурентни на краток рок, додека тие залихи се потрошат, и притоа да освојат некој процент плус од пазарниот удел.

Потрошувачите се повеќе гледаат внимателно на цената како фактор при одлучување кој бренд ќе го купат, а доколку на производот не е позиционирана цена, внатрешниот аларм се активира, да не случајно  биде измамен или го плати прескапо производот кој до некни го плаќал помалку.

Притоа, за да во услови на зголемени цени, се задржи истиот волумен, компаниите зголемено инвестираат во продажни акции, што во ФМЦГ индустријата се гледа преку викенд цени, неделни акции, промоции и сл.  Тоа исто така прави промена на цените на еден ист производ на неделно и дневно ниво, и затоа, заради овие две причини, позиционирањето на цени е сега исклучително динамично.

Оттука, мерчендајзингот и поставувањето ценички е поголем предизвик и со поголема важност во ова пазарно опкружување.

На почетокот на пандемијата, поголемиот дел од предвидувањата беа дека следната година импактот ќе биде минимизиран, а наместо една , имавме 2 години под услови со високи ограничувања,

Сега, дали овие инфациски движења ќе траат две, три или повеќе години е мошне неизвесно, но кога-тогаш, иако со променето ниво, сепак рамнотежната состојба на еквилибриумот суровини-плати-цени ќе биде постигнат.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...