Колумни

Колумна во понеделник: Стрес на работа!

09 May 2022

Пишува: Петар Лазаров, Citizen of the Earth

Стресот е број еден директен (или индиректен) убиец на 21 век. Каде и да се свртите секаде се пишува за стресот, како влијае на нас, како да го намалиме, како да се справиме итн. Има многу начини како да се справите со стресот (одете на Google и прашајте го), но најважно од се е имплементацијата. Односно колку и како ги имплементираме тие совети. 

Тука нема да пишувам генерално за стресот, значењето и неговите ефекти. Мене ме заинтересира еден аспект на стресот, односно како и кои се тие ситуации на нашето работно место што ни се случуваат, а влијаат стресно на нас. Голем дел од акумулираниот стрес ние го создаваме на работа. Затоа ако успееме некако да влијаеме на тие ситуации, сигурно ќе успееме да го намалиме стресот генерално.  

Кога влегуваме во нови работи (за првпат)

Најважно е прво добро да испланирате. Да направите детален акционен план и да ги анализирате можните бариери или проблеми со кои може да се соочите. А за да добиете сигурност, потсетете се на успешно извршените задачи (не мора да се директно поврзани за таа проблематика) од минатото.  

Грешки во комуникација

Нејасна комуникација, нецелосно пренесена или недослушната информација итн. Научете да комуницирате подобро. Сите ние мислиме дека сме добри комуникатори (го правиме тоа уште од две годишна возраст), но во суштина сме многу лоши. Бидете подобри слушатели, давајте ги сите информации во целост, бидете јасни во пренесувањето на задачите и обврските на колегите.

Пробивање рокови

Не мислете на тоа што ќе се случи ако не се заврши работата, туку размислувајте како да се справите со моменталната ситуација. Бидете свесни дека понекогаш, во вакви ситуации ќе мора да дадете повеќе од себе и тимот (време, енергија, концентрација, пари) за да се заврши некоја работа. Но, во суштина пробивање на рокови значи лошо планирање. Работете на подобрување на вашето планирање.

Краток рок:

Видете што може да направите во расположливото време и направете ги клучните работи од кои зависи задачата. Во вакви ситуации ќе мора да намалите на деталите. Имајте на ум дека ќе мора брзо да делувате и поради тоа можни се грешки. Бидете повеќе концентрирани во овие ситуации. Во секој случај ваквите ситуации може да бидат и многу продуктивни за нас, бидејќи влијаат на развој на нашите капацитети и креативност.

„Безизлезна“ ситуација

Не паничете. Има решение за секој проблем. Ако треба застанете за момент (една минута нема да значи многу за проектот, а ќе значи многу за вас), тргнете се на страна и погледнете ја големата слика. Доколку не успеете да ја решите ситуацијата сами, тогаш побарајте помош од колегите или вашите менаџери.

Кога нè нервираат други луѓе:

Не дозволувајте никој да ве извади од баланс. Најважно е да не ги сфаќате работите лично и да ги разберете другите што сакаат. Сфатете дека не може да ги смените другите, но затоа вие може да се адаптирате на ситуацијата, за на крајот да извлечете позитивен исход за вас. 

Направена грешка

Грешката е веќе направена. Залудно ќе лелекате и туфкате. Тоа што може да направите е да ја признаете грешката и најдете начин максимално да ги ублажите негативните ефекти. Направете сè што е во ваша можност.   

Како ќе излезе резулатот на некоја активност:

Ако сте во ситуација на чекање на одговор или резултат, а ако не може ништо во меѓувреме да направите, тогаш не се преокупирајте со мислите за тоа како ќе излезе работата. Нормално, ако може да се направи нешто за да се подобри резултатот, работете на тоа. Во спротивно, фокусирајте ја енергијата на други попродуктивни задачи, и размислувајте позитивно. 

Поплаки од клиенти

Најважно е вие да ги исполните вашите обврски најквалитетно, за да не добивате поплаки. Но, доколку ви се случи да добиете поплака од ваш клиент, прво добро ислушајте го неговиот проблем (без разлика на нивниот став/темперамент) и решите го проблемот во најкус можен рок. Ако поплаките се поради некој ваш колега, не ги земајте на ваш грб, но направете сè во ваша можност да го задоволите клиентот и обелите образот на вашиот колега и компнанијата.

Неплаќање (неплаќачи):

Најдобро е да не дојдете до вакви ситуации. Нешто што може да ја подобри вашата ситуација е пред да влегувате во какви било комбинации, да го проверите и добро процените вашиот соработник. Не правете договори со кого било, само бидејќи мора да профитирате. Но, ако веќе дојдете до ситуација на неплаќање, тогаш со среќа нека ви е J!  



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...