Колумни

Колумна во понеделник: Метаверзум аnte рortas или аnte рortas метаверзум

11 Apr 2022

Пишува: Сашо Димоски, управител на „Гебрудер Вајс“

Дигитализацијата e засилено употребуван термин во последно време – искрено, многу пати и во погрешен контекст, а како терминологија можеби и прилично доцна актуелизирана кај нас.

Има посоодветни термини, од типот на дигитални нарушувања, за што сме и живи сведоци во последниве 2-3 години. Да, пандемиите, енергетскиве или ресурсни војни, дигиталните (крипто)валути или дигиталната економија (базирана на компјутерски и телекомуникациски ресурси), односно општо дигиталната култура, антрополошката димензија на дигиталните општествени промени итн. се најчестите лица на ваквите нарушувања. Кога сме кај темава, мало потсетување дека дигит како израз е само бројка, цифра, а во случајов само две од нив (0 и 1). За многумина нулата и не е број, но сепак е цифра... математика... се сеќавате... бинарна се викаше, нели!?

Дигиталното денес значи создавање нови вредности и создавање нови граници (нарушувачки промени), основа за бизнисите (инкрементални подобрувања) и градење на основни дигитални способности (нови технологии како што се интернет на нештата). Всушност, станува збор за квантно пресметување и на крајот на краиштата, се работи за технологија, за нов начин на ангажирање на луѓето и клиентите и сосема нов начин на водење бизнис. Ниту една од овие дефиниции не мора да е нужно точна. Но, таквите разновидни перспективи честопати ги сопнуваат лидерите и тимовите бидејќи тие се одразуваат на недостиг на усогласеност и заедничка визија за тоа каде треба да оди бизнисот. Ова често резултира со поделени иницијативи или погрешни напори што водат до пропуштени можности, слаби перформанси и/или лажни стартови.

Која е дефиницијата за метаверзумот?

Метаверзумот е концепт на онлајн, 3Д и виртуелен простор, кој ги поврзува корисниците во повеќе аспекти од нивниот живот, поврзува повеќе платформи, слично на интернетот кој содржи различни веб-локации достапни преку еден прелистувач.

Покрај поддршката за игри или социјални медиуми, како најчести форми или сопствено лице, метаверзумот комбинира економии, дигитални идентитети, децентрализирано управување и други апликации. Дури и денес, креирањето на корисникот и сопственоста на виртуелно вредни предмети и валути помагаат да се развие единствен, обединет метаверзум, како и да е замислен. Сите овие карактеристики обезбедуваат потенцијал на блокчејн за напојување на оваа идна технологија.

VR vs. AR

Метаверзумот моментално е базиран на виртуелната, привидна или измената ако сакате реалност (VR Virtual Reality). Притоа, секој корисник контролира карактер или аватар, преку VR-уред во виртуелна канцеларија/соба/простор, каде што завршува некоја работа, се опушта во игра базирана на блокчејн, а притоа можеби и управува со крипто-портфолио, финансии и имоти во метаверзумот. Притоа, не ги потценувајте засега коцкестите обиди за ликови, колку и наивно и детски да изгледаат.

За мене лично, поважниот дел од метаверзумот е проширената реалност (AR Augmented Reality), блиска роднина на виртуелната реалност, која го комбинира физичкиот свет со компјутерски генерирани виртуелни елементи. Овие елементи потоа се проектираат над физичките површини во реалноста во видното поле на луѓето, со намера да се комбинираат двете и да се подобрат една со друга. Проширената, или подобро речено зголемената, реалност ја вметнува содржината во реалниот свет со помош на уред како екран на паметен телефон, слушалки или паметни очила. Додека виртуелната реалност го заменува она што луѓето го гледаат и искусуваат, проширената реалност всушност придонесува преку користење на уреди како што се HTC Vive, Oculus Rift и Google Cardboard, да се проектираат слики пред нив во фиксна област. Сликите се поставени како знаци врз видеото или прегледувачот/камерата, што повеќето потрошувачи веќе ги имаат. Тоа ја прави многу поупотреблива и поприфатлива како иновативна технологија.

Токму затоа AR-апликациите, слушалките и паметните очила ветуваат дека ќе додадат вредност на буквално секоја индустрија – од малопродажбата до кој било друг вид производство. AR веќе покажува потенцијал за решавање на некои од најголемите логистички проблеми и болни точки, наметнати од сè поголемите ограничувања кај човечките ресурси. AR веќе има големо влијание насекаде, од образованието до работата на далечина – тоа е новиот хибриден систем на работење и човечки интеракции.

Еве барем дузина можни случаи за употреба на AR-технологијата што повторно нотирано, веќе се реалност. На пример: медицинска обука (како еклатантен пример во сегментот на образованието), склопување, поправки/сервис и одржување, малопродажба (интерактивна AR-продавница наместо онлајн, со проширено шопинг искуство), дизајн и моделирање, логистика (на пример vision picking), јавна (сообраќајна) безбедност, понатаму во индустријата на туризам и забава, индустријата за недвижнини... Безмалку секаде има неограничени можности за примена и развој. Безусловната определба на бизнисите кон овој правец, не би ја наметнал како моментална или идна потреба, односно насока. Можеби уште подрастично би ја категоризирал, како прашање на опстанок, на штитот или со него...  

За крај, мислите неминовно ме навраќаат на веќе четирилогијата „Матрикс“, која само да потенцирам е лансирана во далечната 1999 година (сетете се на бинарната визуелизација на зелените матрици околу Нео). Тој проект уште тогаш сугерираше дека секој има индивидуална одговорност или можеби потреба да направи избор меѓу реалниот и вештачкиот свет.

П.С.

...Го избравте ли Вашиот Аватар, или уште подобро, кој Аватар избравте да го храните...



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...