Колумни

Колумна во понеделник: Лига на современи лидери во време на дигитализација

14 Feb 2022

Без разлика кои сме и што правиме, секој од нас може да стане успешен лидер. Сите можеме да работиме на себе и да изградиме свој стил на водење и со своите постапки да влијаеме на околината, без разлика дали станува збор за колега, клиент, пријател, конкурент, семејство.

Пишува: Душан Марковиќ, корпоративен маркетинг и ПР директор во „Малиќи груп“ 

Секој има своја општествена улога и има одредена хиерархија на односи, во која едниот донесува одлуки, а другиот е инспириран од нив. Основната карактеристика на лидерот е да има јасна визија за иднината и способност да ги мотивира луѓето и движи напред кон неа. Во исто време, лидерот е одговорен за луѓето на кои влијае. Нивните одлуки треба да доведат и до позитивни резултати, што помага да се изгради доверба и интегритет во тој што ги води.

Сведоци сме дека во светот, но и кај нас, големите компании се натпреваруваат меѓу себе кој повеќе и побрзо ќе се дигитализира, на сметка на информациите за реалната трансформација и промената на човечкиот капитал внатре во компаниите. Понекогаш постојниот менаџмент во компаниите не можe да одговори најсоодветно на промените кои се неопходни, па сопствениците на бизнисите, се приморани да бараат нов лидер или лидери кои би им помогнале во ефикасна реализација на промените.

Најдобриот директор или најдобриот менаџер кој ги надминува компаниските таргети не значи дека е автоматски добар лидер. Ниту маркетинг-директорот, кој секогаш има брилијантна идеја во џебот и е докажан визионер, по автоматизам е добар лидер. Ниту еден од овие докажани директори, менаџери или експерти во своето поле незадолжително ги имаат потребните вештини за да бидат лидери во една голема компанија. Да се биде лидер во една компанија, поради реализирани некои од горенаведените цели може и да не е најдоброто решение за една компанија затоа што оној кој е добар во своето поле на експертиза, не значи дека ќе биде и успешен лидер. Лидерите не се секогаш задолжени за водење на бизнисот или завршување на задачите по поставени таргети, нивната улога пред сè е да креираат стимулативна атмосфера и поттикнат позитивни промени во компанијата кои ќе доведат до тоа. Од лидерот се бара да биде визионер кој ја гледа иднината на компанијата, така што ако сите овие вештини и визионерството се неминовни особини за еден современ лидер, тогаш не е случајно кога големите компании се одлучуваат да ја фоксураат својата енергија и развој во тим на лидери наместо во развој на еден поединечен директор.

Поради тоа, верувам дека во годините пред нас, компаниите навистина ќе се потрудат повеќе и ќе се фокусираат на тоа што подобро да го развијат својот тим на лидери, а процесот на дигитализација би го изгубил приоритетот иако секако ќе е неминовен процес кој ќе се случува.

Компаниите се живи, тие дефинитивно се менуваат, растат и наместо да се натпреваруваат меѓусебе, сè повеќе треба да соработуваат во што повеќе мрежи и системи и создаваат вредности на начин каде ниедна од нив не опстојува и напредува сама.

Слично е и со корпоративните или извршните директори во една голема компанија, тие можат да бидат успешни лидери, кои се неопходни за здравите процеси во компанијата, само ако не се фокусираат исклучиво на сопствениот индивидуален перформанс и ја пренасочат својата енергија да работат заедно, тимски. А, како да се изгради лидерски тим, со взаемна доверба и култура, кој ќе придонесува за компаниски колективен успех, тоа зависи од човековите вредности кои ги носи секој поединец од тимот и компанијата.

Овие лидери не се ни консултанти или фасцилитатори во своите компании туку носат секојдневно сериозни одлуки за активностите во различни оддели или компаниите во групацијата кои имаат иста цел. Овој тим на талентирани луѓе потребно е да се предизвикува секојдневно меѓусебе за колективно да остварат големи нешта. Лидерскиот тим треба да одвојува време и енергијата редовно за дефинирање на смела агенда и постојано да почнува амбициозни иницијативи на кои се потпира иднината на компанијата. Неуспехот може да биде скапа грешка. Доколку пак успее, ќе ја позиционира компанијата да напредува во сè покомплексен и динамичен свет.

Големата трансформација во компанијата не треба да биде само во топ-менаџментот. Лидерството треба да се пренесе и на пониските нивоа во компанијата, но почетокот е секако првенствено на извршно ниво. А најважна задача на лидерскиот тим е да ја водат компанијата во успех преку трансформација и дигитализација. Успехот зависи од соработката на членовите на тимот, а не од збирот на изведбата на поединечните единици или лидери.

На повисоки нивоа на управување, овој процес се конвергира без оглед на експертизатата во одредено поле на секој поединец во тимот и успехот се сведува на совладување на неколку клучни вештини: вработување на исклучителни лидери, градење самостојни и квалитетни тимови, постојана желба за иновација, воспоставување јасна визија и добра комуникација меѓу тимовите.

Лидерите кои ги совладуваат овие вештини ќе бидат добро опремени да водат тимови во компании со која било големина и се во Лигата на современи лидери.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...