Искреноста и услугата се најбитни
Речиси 29 години присутна на трговската сцена, „Вока дисконт“ има приказна која треба да се прочита и која и понатаму ќе се развива. Денес, развојот на продавницата е оставен на помладата генерација, чија енергија го поставува работењето на повисоко ниво
Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk
Првата продавница „Вока дисконт“ е отворена во 1990 година во Тетово. Приказната за продавницата ни ја раскажа Хебиб Муареми, кој може да посведочи на сите предизвици со кои се соочувал неговиот татко при развојот на бизнисот.
Во продавницата, која се наоѓа на ул. 142, бр. 58, разговорот го почнавме со Хебиб, кој многу љубезно нè сослуша и прифати да го претстави своето секојдневно работење. Иако во меѓувреме во продавницата влегуваа купувачи, успеа да ја задржи љубезноста и истовремено брзо да ги услужи и да одговори и на нивните барања.
Приказната почнува вака...
Чичко ми на времето работеше во „Деликатес“, а татко ми прво соработуваше со „25 Мај“, а потоа реши да почне свој приватен бизнис. Неговата одлука донесена во вистинско време, како и големиот труд што го вложивме како семејство, придонесе да сме тоа што сега сме, се присети Хебиб.
„Вока дисконт“ може да ја посетите на четири локации во Тетово. Една од продавниците се простира на 120 м², две на околу 100 м² и една на 80 м². Во секоја од продавниците има најмалку 3.000 артикли, а за услугата се грижат вработени, некои се дел од семејството, а некои не се.
Со оглед на тоа што во близина на продавницата има продавници од големи трговски синџири, секако, конкуренцијата е поголема. Сепак, клучното во борбата со неа е искреноста и добрата услуга што ние ја нудиме. Навистина може да се пофалиме со купувачи кои специјално доаѓаат кај нас за одреден производ, притоа секојдневно ни признаваат дека нудиме квалитетни производи по пристапни цени, истакна Хебиб. Тој нагласи дека е многу тешко да се стекнат лојални потрошувачи и за да се добијат, но и за да се задржат, мора да се понуди квалитетен производ, добра услуга, но и привлечна цена.
Има купувачи на кои не им е битна толку цената, не им е проблем да платат повеќе за квалитетот што го бараат и препознаваат, додаде тој.
Освен со директна комуникација со потрошувачите, Хебиб го користи и „Фејсбук“ како алатка за промовирање на многубројните промоции, акции и сл.
Имаме активна фејсбук-страница, каде што имам најмногу пријатели, кои споделуваат, лајкнуваат постови. Ни доаѓаат многу потрошувачи, кои на профилот го виделе својот омилен производ на акција и доаѓаат да го купат. Постои можност и да го нарачаат производот преку „Фејсбук“, но засега таа опција не е многу активна, истакна тој.
Тој се согласи дека е многу важно во продавницата да ги има сите категории производи, но поради просторот, мора да се направи избор. За тоа што ќе се продава, во голема мера влијаат ТВ-рекламите. И да немаш некој производ или поради некоја причина не сакаш да го имаш, доаѓаат купувачи кои поттикнати од ТВ-рекламите го бараат. Ако видам дека интересот за тој производ се зголемува, тогаш секако дека и јас ќе го вклучам во асортиманот, објасни Хебиб додавајќи дека редовно во асортиманот ги вклучува и новите производи на пазарот и од досегашното искуство, нивната продажба оди добро.
Денес е многу тешко да се најдат и да се задржат вработените. Никој веќе не сака да работи за мали примања и често се одлучуваат за работа во странство, поради што се соочуваме со недостиг на работна сила.
На прашањето каков е неговиот однос со вработените, тој објасни: Денес е многу тешко да се најдат и да се задржат вработените. Особено да се најдат квалитетни вработени. Никој веќе не сака да работи за мали примања, не се согласуваат за плата од 200 евра. Затоа и често се одлучуваат за работа во странство, поради што се соочуваме со недостиг на работна сила.
За плановите во иднина, Хебиб додаде дека засега се доволни четирите продавници „Вока дисконт“ што ги имаат и сака да се посвети на нивниот развој. Сепак, не ја отфрла идејата за отворање нов маркет, доколку се најде добра локација.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.