Маалска продавница

Ппретставуваме: „Буш“

21 Oct 2016
Од семејна шега до сериозен бизнис
 
Месецов, InStore беше во посета на еден од најубавите градови во нашата земја – Охрид. Освен што уживаме во убавините на бисерот на Балканот, целта ни беше да се запознаеме со семејството Буш и да го посетиме истоимениот маркет, кој почна со работа пред четири месеци
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 
Во „Буш", лоциран на улицата „Даме Груев", бр. К3/А, нè дочека љубезната насмевка на Џана, која е една од сопственичките на маркетот, заедно со сестра ѝ Арзу. Со нескриен ентузијазам, таа ни раскажа како со семејството дошле до идејата да впловат во „трговските води" на малопродажбата.
                   
Седејќи на балконот од нашиот дом, гледавме како дуќанот што работеше на истото место постепено се гаси. Дознавме дека претходниот газда се подготвува целосно да го затвори и со сестра ми и со мајка ми, на шега, рековме дека би можеле да отвориме маалска продавница. Малку подоцна, почнавме шегата да ја сфаќаме сериозно и решивме дека навистина треба да се ангажираме, раскажува Џана.
 
Водењето сопствен бизнис не било непознато искуство за Буш – претходно, семејството работело со повеќе различни бизниси, но и кај други газди, што придонело за зголемување на нивниот капитал на знаења и на вештини. Сепак, Џана истакнува дека иако искуството е особено важно, најважни се односите со партнерите, соработниците и со вработените, односно верноста во работата.
 
На површина од 85 квадратни метри, продажниот тим на „Буш" го сочинуваат осум вработени: Вработените се нашето големо семејство! Доколку јас или сестра ми сме отсутни, тогаш мајка ми ја презема одговорноста за менаџирањето на продавницата, вели Џана.
 
Во моментов, продавницата располага со асортиман од 1.758 артикли. За полесно управување со производите, семејството Буш ги има поделено во две големи категории – неопходни (овошје и зеленчук, вода, месо и месни производи, леб), како и луксузни (грицки, чоколада, кекси, алкохолни и безалкохолни пијалаци, цигари). Џана ни откри дека луксузните производи имаат за 2 отсто повисока продажба во споредба со неопходните.
 
При изборот на асортиманот, клучни се три фактори: побарувачка, маркетинг и промоција, истакнува таа и додава дека секогаш се отворени за нови производи и за експерименти – Ако производот го најде патот до срцето на потрошувачот, набавката продолжува.
 
За односот со комерцијалистите, Џана вели дека е одличен: Некогаш знаеме со нив и да се пошегуваме, но кога станува збор за работата и за меѓусебната доверба, тогаш сме сериозни.
 
Таа истакнува дека „Буш" е во одлични добрососедски односи со конкурентните продавници, но освен тоа, благодарен ѝ е на конкуренцијата, особено на големите трговски синџири, бидејќи на тој начин добива поттик за повисоки цели: Нашата предност во однос на конкурентите е во тоа што сите сме млади. Идеите за дневните понуди и за другите видови акции ги остваруваме брзопотезно и траат подолго од нивните понуди.
 
Ако ги споредиме продавниците од Охрид со тие од главниот град, секако дека скопските имаат предност, пред сè, поради поедноставната и побрза набавка. Сепак, охридските продавници имаат една друга значајна предност, а тоа се туристите за кои се врзува голем дел од продажбата.
 
Купувачите во „Буш" најчесто се од Христо Узунов, голема и многу населена населба во Охрид, кои секојдневно пазаруваат овде. Освен нив, потрошувачи доаѓаат и од другите места на градот, кои се веќе редовни и лојални: Комуникацијата со потрошувачите е професионална, иако знаеме честопати да седнеме со нив и да се напиеме кафе.
 
Нашата соговорничка не ги криеше амбициозните планови: Да имаме доволно парични средства, веднаш би отвориле хипермаркет :) Почнавме со оваа продавница пред четири месеци, а веќе напролет планираме нова и уште една следната година.
 

На крајот од разговорот, Џана испрати силна порака до колегите од истата бранша: Овој бизнис не може да збогати, но отвора врати и дава идеи и поттик за поголеми бизниси. Искрено му препорачувам на секој млад човек да не се плаши и да отвори своја продавница.



 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...