Маалска продавница

Претставуваме: „Кошница“

14 Nov 2014

Овој месец InStore реши да излезе од главниот град и да прошета по југоисточниот дел од нашата земја - крајна дестинација: Радовиш, цел: посета на продавницата „Кошница", лоцирана на улицата „Ана Поцкова" бр. 123. Сопственичката Зорка Таушанова топло и љубезно нè пречека и со нескриено задоволство раскажуваше за работата, за односот кон клиентите, за идните планови...

Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk

„Кошница" беше отворена минатата година, откако претходно Зорка била прогласена за технолошки вишок. Барајќи излез од ситуацијата и поттикната од субвенционираниот кредит од Владата, решила да отвори и да води сопствена продавница и од ден на ден, сè повеќе е задоволна од донесената одлука.

Целокупниот простор што го опфаќа продавницата изнесува 80 квадратни метри, од што половина се користи како магацински простор. Продавницата располага со една наплатна каса, која е доволна за услужување на купувачите.

Во работата со продавницата, од голема корист е помошта од членовите на семејството. Претходно имавме продавница за детски играчки и тоа искуство многу ни помогна во водењето на продавницата, пред сè, во комуникацијата со клиентите, открива сопственичката.

Во асортиманот на „Кошница" можат да се најдат сите производи што ги задоволуваат секојдневните потреби на едно семејство. При изборот на артиклите, Зорка првенствено се раководи од побарувачката на околината, но исто така активно ги следи и рекламните кампањи: Со оглед на тоа што „Кошница" е млада во бизнисот, ги немаме опфатено сите трговски групи. Но, тоа е нашиот следен поттик и предизвик: секојдневно се стремиме да бидеме во тек со новите трендови и да ги имаме производите што се бараат и рекламираат.

Во околината на „Кошница" функционираат три големи трговски синџири: „Кид-го", „Пакет маркет" и „Кам". Секако дека не можеме да се споредуваме со големите синџири во однос на асортиманот, но нашата предност се состои во достапноста на производот во секое време. Со оглед на тоа што тие имаат ценовна предност, ние се трудиме да ги приспособиме цените, а истовремено нудиме и добра и квалитетна услуга. „Клиентот секогаш е во право" е  принципот според кој се водиме и функционираме. Од друга страна, нашите клиенти овде имаат можност за спонтан, пријателски пристап и кафе-муабет, а досегашната доверба и почит што ги стекнавме се нашата најголема придобивка, ги објаснува Зорка предностите на маалските продавници.

Љубезниот и непосреден однос е причината што поголемиот број од потрошувачите веќе се постојани и секојдневно токму овде ги купуваат основните продукти за живот.

Поради тоа што Зорка е самовработена, нејзиното време е ограничено и таа не е во можност да се снабдува директно од произведувачите, но затоа од голема корист се дистрибутерите, кои постојано излегуваат во пресрет при набавката на стока.

Разликата на малопродажните продавници во Радовиш со продавниците од главниот град е огромна. Во Скопје има дистрибутери на секој чекор, кои нудат производи по конкурентни цени, а постојат и купувачи кои не ги интересира цената, туку само квалитетот на производот, објаснува Зорка.

Сопственичката е полна со идеи за идниот развој на продавницата. Со доволно финансиски средства, најпрвин би го збогатила асортиманот на продавницата со голем број производи за широка потрошувачка, на креативен начин би го уредила ентериерот со поставување на кошници со интересни производи во нив, би отворила уште еден објект... едноставно „Кошница" би прераснала во бренд.

Пораката на „Кошница" до другите мали продавници што се занимаваат со истата дејност е да продолжат да чекорат напред и да не се откажуваат поради пречките, затоа што ако добро се менаџираат, малите бизниси можат да имаат солидна заработувачка.

Ангажирајте се со љубов кон тоа што го работите, размислувајте позитвно, сакајте ги и почитувајте ги клиентите, иако не пазаруваат секојдневно кај вас. Затоа што, порано или подоцна – трудот секогаш се исплаќа. А добриот и насмеан продавач привлекува повеќе купувачи, порачува Зорка.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...