Маалска продавница

Претставуваме: „НССМ Паркет“

15 Oct 2014
 
Instore месецов беше во посета на продажниот објект „НССМ Паркет", лоциран на булеварот „Кочо Рацин" бр. 8, кула 15, во непосредна близина на Градската болница, во центарот на Скопје. Домаќинот Сашо Коцевски нè прими и аналитички и аргументирано дискутираше за актуелните предизвици на малите продавници.
 
Разговараше: Данче Драгинова, danche@instore.mk
 
Продавницата е отворена во 2000 година и веќе 14 години успешно му пркоси на времето. Сопственикот Сашо Коцевски, по професија машински инженер, повеќе од 20 години е во трговските „води". Како голема предност во стопанисувањето и водењето на продавницата ги истакнува прецизноста и аналитичкиот начин на размислување. Порано Сашо располагал со три продавници од различен тип и два складишни простора со дванаесет вработени наменети за големопродажба, а денес неговото внимание и неговата енергија се насочени само кон оваа продавница и уште кон еден магацин.

Продажниот простор на продавницата изнесува 20 квадратни метри, со тројца вработени и една каса. Семејството не е вклучено во работата на продавницата, а изборот на вработените сопственикот им го препушта на вистинските професионалци во таа дејност – агенциите за вработување.

Претходно работев во комерција во странска компанија што работеше со прехрана и козметички производи, каде што подоцна бев унапреден во директор. Почетоците на овој тип работење ги имам оттаму, што за мене претставуваше огромно искуство и „печење" на занаетот, а искуството што го стекнав го користев прво за други, а потоа решив да го искористам за сопствениот бизнис, раскажува Сашо за почетоците на продавницата.

Асортиманот го сочинуваат над 2.000 артикли, од кои најголемиот дел се прехранбените, а најмногу се трошат цигари и пијалаци. Продавницата има и лиценца за продажба на алкохолни пијалаци, чијашто продажба високо котира во однос на другите трговски групи.

Сопственикот истакнува дека настојува во асортиманот да бидат вклучени сите трговски групи: Генерално, не со количество туку со застапеност, опфатени се прехранбените производи, кондиторските, алкохолните и безалкохолните пијалаци, основните производи за домаќинството, хигиена... Претходно работевме и со весници, но не повеќе, затоа што повеќето сакаа да ги читаат отколку да ги купуваат.

За избор на асортиманот од особена важност е добрата и навремена информираност, следењето на новите трендови, трговските списанија и рекламните кампањи. Според Сашо, ако не се знаат и ако не се следат сите тие канали – човек не вреди да се занимава со трговија. Производот што се рекламира – вреди да се има во дуќанот. Истото се однесува и на светските брендови. Не постои нешто што не може да се продаде, ако се знае како да се презентира. Клучни елементи за избор на асортиманот се и познавањето и приспособувањето на побарувачката на околината, како и цената.

Од досегашното искуство како комерцијалист и комерцијален директор, Сашо ги познава и двете страни на бизнисот. Продавницата досега комуницирала со речиси 200 дистрибутери. Неговата порака до комерцијалистите е дека тие треба да продолжат да вложуваат во своето знаење и добро да ги познаваат производите што ги нудат. Многу е важно комерцијалистот да биде способен да го убеди трговецот да земе барем уште еден производ од палетата што ја нуди.

Ангажманот во продавницата бара многу време и енергија, Сашо вели дека не само тој туку и останатите сопственици на мали колонијални продавници работат по 31 и пол ден месечно. Трговијата не носи профит каков што заслужуваат – во однос на вложеното време, посветеноста на сопственикот и на вработените.

Во непосредна околина на продавницата има голем број маркети од големите синџири, речиси сите: „Тинекс", „Веро", „Рамстор", „Стокомак"... Не можеме да се бориме со големите трговци, тие имаат огромна предност не само во цената туку и во асортиманот, како и во голем број други аспекти. Ние сме принудени да се специјализираме како маалска продавница и да се приспособиме кон потребите и побарувањата на луѓето што живеат во соседството, вели тој.

Сепак, околу 20% од секојдневните купувачи живеат во соседството, а останатите 80% се вработените во институциите и случајни минувачи. Предноста во однос на големите маркети е брзата услуга тоа што не се чека ред.

Малите продавници можат да опстанат и добро да функционираат ако државата интервенира да ги намали давачките и даноците и на тој начин да им помогне. Малите бизниси се голема можност за вработување – 10.000 продажни места со по тројца вработени, тоа се 30.000 работни места, а ниту една фабрика не може да понуди толку вработувања, порачува нашиот домаќин.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...