Малопродажба

Александар Антиќ: Неговото височество

19 Feb 2016

Компир – параметри за квалитет и набавка

Освен тоа што кртолите треба да бидат без механички оштетувања, тие не смеат да бидат збрчкани, ниту изртени. И едното и другото се показател за предолго чување или за чување во несоодветни услови.
 
Автор: Александар Антиќ, anticaca@gmail.com
 
Компирот е неизбежен зеленчук и еден од главните производи во нашата исхрана. Поради тоа, тој зазема значајно место во прометот со овошје и со зеленчук, а освен кромидот, дефинитивно, компирот е најпродаваниот зеленчук на овие простори.
 
Поради употребата во исхраната на човекот, компирот се вади во моментот на целосна физиолошка зрелост. Според бојата на епидермисот, разликуваме т.н. црвен и бел компир. На овие простори, односот на црвениот и на белиот компир во продажбата е приближно еднаков.
 
Правилникот за квалитет на овошјето, зеленчукот и на печурките дефинира некои од основните параметри што компирот мора да ги исполнува за да може да биде ставен во промет:
 

   1.Компирот да биде од иста сорта, со нормално развиени кртоли, чисти, здрави, цели и тврди;
   2.Да не биде заболен од компиров рак (Synchytrium endobioticum), без прстенест бактериски гнилеж (Corynebacterium sependonicum), без слузен глилеж (Pseudomonas solanacearum, Colletotrichum lagenarium, Phytophthora infestans, Rhizoctonia solani и Phthorimaea operculella);
   3.Компирот не треба да има чудни мирис и вкус;
   4.Да биде со нормална надворешна влажност и да не биде збрчкан;
   5.Кртолите да не бидат со компирова мувла;
   6.Компирот да нема некои поголеми деформации, дамки и внатрешни шуплини;

   7.Да биде без поголеми недостатоци, и тоа: зелена обоеност на површината (ако е повеќе од 10 отсто од површината на кртолата и ако не може да се отстрани со лупење на епидермисот), површинска краставост (да не надминува повеќе од 25 отсто од површината на кртолата) и некои други недостатоци (да не надминуваат повеќе од 10 отсто од масата на кртолата).
 
Големината и другите параметри за квалитет
 

Освен основните параметри, треба да ѝ се посвети внимание и на калибражата на кртолите, која се определува со посебни калибратори. Општоприфатената калибража за компирот од прва класа е од 50 до 70 милиметри или приближно од 120 до 350 грама по кртола. Треба да се напомене дека оваа калибража се разликува од минималната, што е пропишана во правилникот. Поситните кртоли најчесто се пакуваат одделно, во пакување од 5 или од 10 килограми и се продаваат по пониска цена во однос на компирот од прва класа. Крупните и најголемите кртоли може да бидат интересни за рестораните или за кујните, па имајте предвид дали меѓу вашите муштерии имате и купувачи од овој тип.
 
Што се однесува до параметрите за квалитет, обрнете внимание дека кртолите мора да бидат без механички оштетувања или оштетувања од болести и од штетници. При контролата на квалитетот, задолжително засечете неколку кртоли, бидејќи постојат болести чиишто симптоми не можат да се забележат на површината и ја зафаќаат само внатрешноста. На пресекот, месото од кртолата треба да биде со карактеристичната боја за сортата, да биде здраво и без какви било оштетувања, како и без површини што ја промениле бојата.
 
На површината на плодовите честопати може да забележите механички оштетувања, кои настанале при вадењето или при пакувањето на компирите (набиени или засечени места). Во моментот на продажбата, оштетувањата може да бидат целосно засушени и наизглед не би препознале дека може да претставуваат поголем проблем. Она на што би требало да обрнете особено внимание, е дали непосредно под тие оштетувања не дошло до некроза (гнилеж) на ткивото, која честопати се појавува на местата со механички оштетувања. Кртолите на кои се забележуваат свежи оштетувања, треба да се избегнуваат, бидејќи гнилежот најпрвин се појавува на тие места, а освен тоа, тие кртоли и побргу дехидрираат.
 
Освен тоа што кртолите треба да бидат без механички оштетувања, тие не смеат да бидат збрчкани, ниту изртени. И едното и другото се показател за предолго чување или за чување во несоодветни услови. Кртолите не смеат да бидат ниту со изразито зелена боја, која настанува како резултат на предолго изложување на сончево зрачење при вадењето на компирите. Зелената боја е последица од насобирањето на алкалоидот соланин, кој при поголема концентрација може да биде штетен за луѓето, иако тоа е многу редок случај. Зелената боја најчесто се забележува непосредно под кората, а во некои случаи може да се воочи и без расекување. Сепак, посигурно е да ја излупите лушпата на компирот за да проверите дали позеленело ткивото под неа.
 
Пакување и ракување
 

Вообичаено пакување за компири е мрежеста вреќичка од 10 килограми. Може да се сретне и пакување во мрежеста вреќа од 25 килограми. За полесно ракување, особено во продавниците, пакувањето од 10 килограми е попогодно, додека пакувањето од 25 килограми најчесто има пониска цена. Покрај споменатите, во последните неколку години на пазарот се појавија и помали пакувања компири (од 1 килограм, 1,5 килограм, 2 килограми, од 2,5 килограми...). Овие пакувања се полесни за ракување и со поатрактивен изглед, но и поскапи. Затоа, ако размислувате да ги вклучите во вашата понуда, земете ја предвид платежната моќ на вашите муштерии.

При купувањето компири, задолжително проверете ја содржината на вреќата, бидејќи може да се случи во внатрешноста да има компир со лош квалитет, кој не може секогаш да се забележи со визуелен преглед.
 
Освен за квалитетот на кртолите, водете сметка и за тоа дека на нив не треба да има големо количество земја. На овие простори најчесто се продава компир што не е измиен, а вишокот земја, доколку е потребно, се отстранува со четкање. Сепак, ако компирот е произведен на потешки типови земјиште, се случува да не може целосно да се отстранат честичките земја. Поради тоа, кртолите имаат помалку привлечен, темен изглед. Во тој случај, доколку параметрите на квалитет се соодветни, не одбегнувајте ја набавката на овој компир, но водете сметка на површината да нема поголеми наслаги од земја. Освен со четка, компирот може и да се мие, што најчесто е случај со увозниот. Имајте предвид дека измиениот компир е почувствителен на распаѓање и е со пократок период на чување, отколку исчетканиот. Другите параметри се истите, како и кај неизмиениот компир.
 
Иако компирот не е многу чувствителен на механички оштетувања, како што е тоа случај со некои други градинарски култури, а особено со овошките, сепак е неопходно да се води сметка да не се оштетат кртолите при ракувањето. Одбегнувајте фрлање или невнимателно тресење од вреќите. Доколку купувате поголемо количество компир, складирајте го во темен, добро проветрен простор, na ниска температура.
 
За разлика од другите видови зеленчук, компирот е помалку чувствителен и полесно се чува. Сепак, за да ги избегнете расходот и распаѓањето, набавката приспособете ја кон продажбата. Во продавницата, чувајте го компирот заштитен од директно сончево зрачење. Избегнувајте изложување во вреќи, освен доколку не го продавате така. На тој начин овозможувате подобра циркулација на воздухот и ја намалувате опасноста од појава на гниеж, а истовремено и на купувачите им го правите пазарењето поедноставно.
 
За авторот:                                                                                                                                                 
Александар Антиќ дипломирал на Земјоделскиот факултет во Земун на одделот за овоштарство и за лозарство.Автор е на блогот „Агроавантура" – agroavantura.wordpress.com

 

 

 

 

 

 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...