Цените на овие производи драстично варираат во текот на сезоната, но треба да се очекува пораст на цените како што поминува сезоната.
Автор: Александар Антиќ, anticaca@gmail.com
По сезонските овошја и зеленчук, време е да се запознаеме и со видовите кои се најважни во оваа категорија, а тоа се: јаболко, компир, кромид и морков. Пред сè, овие видови се карактеристични по долгото чување, големиот обем на прометот кога е во прашање количеството, но и релативно ниските цени. Ретко се случува цените на овие производи драстично да варираат во текот на сезоната, но треба да очекувате тренд на пораст на цените кон крајот на сезоната. Може да се каже дека цените на овие производи се менуваат на седмично ниво, а понекогаш се стабилни подолг временски период, што особено е нагласено кај морковот.
Јаболкото е најважното континентално овошје, а второ е по обем на трговијата по бананата. Кај нас најпродавана сорта е ајдаред, а позначајни се златниот делишес, грени смит, јонаголд, црвен делишес, а во последно време сè повеќе е популарна сортата гала. Кога е во прашање квалитетот, плодовите мора да бидат здрави, со правилен облик, без оштетувања од болести и од штетници или симптоми на негативни промени што се јавуваат при чувањето. Обоените сорти мора да го имаат степенот на обоеност карактеристичен за нив. За обоените најчесто минимумот е од 40 до 50 проценти обоеност на целата површина на плодот (ајдаред, црвен делишес...), а кај помалку обоените сорти од 20 до 40 отсто (јонаголд). Кога е во прашање големината, на нашите простори општо е прифатено дека првата класа во дијаметар мора да има најмалку 70 мм, додека највисоката граница според големината достигнува 90 мм. Треба да се има предвид дека најдобри карактеристики во поглед на квалитетот и на чувањето покажуваат плодовите со калибража од 70 до 80 мм. Овие плодови најдобро се чуваат и најмалку се склони на појава на физиолошки болести во текот на чувањето. Особено треба да се внимава на квалитетот на јаболката во периодот декември-јануари, кога се завршува продажбата на оние јаболка чувани во несоодветни услови во складиштата и по правило се подложни на забрзано пропаѓање. Квалитетот може да биде доведен во прашање и во периодот април-мај, кога во овие краишта завршува сезоната на домашно производство на јаболка. Ајдаред има плодови што многу добро и долго можат да се чуваат, а цената е поскапа од другите сорти кај нас. Во последните години значење добива сортата гала, која спаѓа во раните сорти и е една од првите домашни што можат да се најдат во понуда. Бербата на оваа сорта почнува во август.
Компирот се продава како црвен и како бел, а може да се каже дека речиси приближно се застапени во продажба. Кога е во прашање квалитетот, кртолите мора да бидат здрави, со правилен облик, без оштетувања од болести или штетници и неприродна влага на површината. Треба да се има предвид дека кај компирите, на површината на кртолите, може да се јават недостатоци кои не се видливи со око, туку може да се забележат при сечењето. Поради тоа, при контрола на квалитетот, пресечете одреден број кртоли за да се уверите дека во внатрешноста нема оштетувања. Кората не смее да биде стуткана бидејќи тоа укажува на дехидрација на кртолата, така што компирите многу побргу се расипуваат. Во втората половина од сезоната, што кај нас трае од крајот на годината, може да дојде до ’ртење на кртолите. Оваа појава се смета за недостаток и таквите компири не можат да се класифицираат во првата класа. Најдобро е да немате резерви за повеќе од една недела, за да ја избегнете појавата на дехидрација. Компирот се пакува и се продава во мрежести вреќи од 10 до 20 килограми. Иако кртолите не се пречувствителни на удари, водете сметка компирите премногу да не ги превртувате и удирате при ракувањето и изложувањето, бидејќи на местото на ударот можат да се појават потемнувања и некроза на ткивото. Во продавницата, компирите изложете ги на долната полица која се наоѓа во сенка или позиционирајте ги така што да не се изложени на директна сончева светлина.
Кромидот зазема значајно место во речиси сите наши јадења и покрај компирот, претставува еден од најважните зеленчуци. Во текот на сезоната цените на кромидот се стабилни, па набавката може да ја планирате за период помал од седум дена. Луковицата мора да има дијаметар од 50 до 70 мм, таа мора да биде здрава, без оштетувања од болести или од штетници на површината и во внатрешноста. Луковиците поголеми од 70 мм можете да ги ставате во промет, но имајте предвид дека многу големите имаат поголема примена во угостителските објекти. На пазарот можат да се најдат луковици со дијаметар помал од 50 мм, но овој кромид има пониска цена. Според обликот на луковицата, кромидот се дели на две големи групи, т.н јабучар и погачар. Јабучарот има заоблена луковица и оваа сорта е најзастапена кај нас, додека погачарот има сплосната луковица. Кромидот погачар е помалку популарен од јабучарот и по правило послабо се продава. Освен калибражата и отсуството на болести, неопходно е луковицата да има најмалку една цела, сува и чиста обвивка. Освен обвивката, неопходно е коренчињата да бидат скратени или целосно отстранети, а перцата на врвот од кромидот скратени на околу 1см. Многу е важно при контролата на квалитетот да се внимава кромидот да е соодветно исушен (обвивката треба да биде сува и под прстите да шушка), бидејќи зголемената влага може да доведе до забрзано расипување. Доколку кромидот во вреќа или на полица почнал да се расипува, ќе почувствувате непријатен мирис, а често може да дојде до појава на мушички. Ова особено е нагласено доколку кромидот се чува во несоодветен простор или се транспортира во неизладен камион на висока температура.
Морковот е најважен зеленчук чиј корен во понуда може да се најде во текот на целата година. Цената на морковот е стабилна, но се забележува тренд на пораст кога се наближува крајот на сезоната. Морковот од прва класа мора да биде со правилен облик, цел корен, без оштетувања од болести и од штетници. Бојата на коренот мора да биде со карактеристично портокалова боја и во согласност со карактеристиките на сортата, додека на врвот може да се толерира појава на виолетова и на зелена боја во должина од 1 до 1,5 см. Кога е во прашање калибражата, таа се дефинира со помош на две големини – должина и пречник на коренот. Должината треба да се движи од 10 до 20 см, а пречникот на коренот треба да биде од 20 до 30 мм. Големите и скршени корени не можат да се категоризираат во првата класа, но имаат свое место на пазарот, секако достапни по многу пониска цена. Кога ги набавувате морковите, освен наведените карактеристики, внимавајте на присуството на механичките оштетувања на површината на плодот, во облик на гребнатини. Тие прво побелуваат, а потоа се појавуваат црни дамки, по што морковот многу бргу пропаѓа. Доцните сорти што во промет се ставаат кон крајот на летото и во текот на есента и на зимата, се пакуваат во перфорирани најлонски вреќи од 5 кг, додека раните сорти се пакуваат во гајби. Треба да се има предвид дека доколку раните сорти се пакуваат во најлонски вреќи, поради зголемената влага може да дојде до распаѓање. Доколку набавувате морков во најлонски вреќи, а немате простор со соодветен температурен режим, избегнувајте да набавувате поголеми резерви и практикувајте морковите што побргу да ги извадите од кесата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.