Кога отворил продавница за козметика, Добрица помислил дека најпосле ќе може да ја искаже неговата безгранична љубов и добрина. И бил во право. На клиентите им се допаѓала неговата добродушност. Според Добрица, купувачите не само што секогаш се во право туку и можат да побараат сè.
Автор: Владимир Милетиќ
Пред неколку денови, пред зградата на Oпштината го сретнав Добрица, другар од основно училиште. Веднаш го препознав. На лик останал истиот. Со кружно, румено лице и добродушни црни очи. Од малечок се трудеше да биде добар другар со сите. Многумина го злоупотребуваа тоа, затоа што неговиот татко работеше во странство и секогаш му носеше скапи играчки и гардероба. Во неговиот речник не постоеја зборовите НЕ МОЖЕ. Во друштвото сите зборуваа: Да можам да си најдам девојка што е како Добрица! Забележав дека веќе ја нема на лицето препознатливата насмевка на наивец, со којашто секогаш влегуваше во неволји. Во првиот момент се израдував на таа промена. Помислив дека конечно се опаметил. Кога ми ја раскажа својата приказна, сфатив дека сепак сèе како што беше и некогаш.
Кога отворил продавница за козметика, Добрица помислил дека најпосле ќе може да ја искаже неговата безгранична љубов и добрина. И бил во право. На клиентите им се допаѓала неговата добродушност. Според Добрица, купувачите не само што секогаш се во право туку и можат да побараат сè. Да ги отвораат пакувањата на шампоните, да купуваат влошки на парче, да се испрскаат со дезодоранс по телото, купената боја за коса да ја заменат за друга нијанса...
Новата работа и на Добрица многу му се допаднала. Запознал многу фини и љубезни дистрибутери. И тие го засакале него. Не поминувал ниту ден без да се слушнат. Го прашувале што има ново, како му е семејството, за кога ја планира следната нарачка... Со некои многу се дружел, дури неколкупати излегувале и на пијалак.
На пример, Стево продавал бои за коса. Професионалец од глава до петици. Висок, елегантен, насмеан. Секогаш во костум, а во рацете со каталози преполни со фотографии од новите производи. Широка палета со повеќе од 50 нијанси. Најновата колекција на помалку познат француски производител... Добрица рекол дека за нив не ни слушнал. На тоа Стево се насмевнал и му објаснил дека на Запад се голем хит и дека сите познати манекенки ги користат само тие бои за коса. Наскоро ќе почнат и рекламите и кога ќе се слушне за нив, само тие бои ќе се бараат. Само мораме навреме да се снабдиме со резерви, затоа што знаете какви се жените. Ако препознаат квалитет и поволна цена, сè ќе разграбаат. Затоа предлагам веднаш да тргнеме со пакет од пет илјади парчиња, подготвено заклучил Стево и ја запишал нарачката, додека Добрица сè уште кимал со главата.
Станко го наполнил со бричеви. Му објаснил дека неговата компанија го патентирала револуционерниот брич, што поседува единствена хиперсензитивна и антибактериска платформа, направен од не`рѓосувачки челик, популарно наречен „силвер прајд". Дејвид Бекам е новото заштитно лице на таа компанија. Производот е толку популарен, што едвај успеале да се снабдат со доволно количество за купувачите. Само за Добрица обезбедиле и полица со производи, но треба да нарача стока најмалку во вредност од три илјади евра.
Вуле му бил најинтересен. Слаткоречив и љубезен, секогаш информиран што се продава во продавницата и како треба да се продава. За пастите за заби, на пример, ги знаел и најситните детали. За Добрица најинтересни биле бројките. Со користењето на нивните обични пасти за заби, кариесот се намалува дури за 75%, а со редовна употреба на оние со троен ефект, забниот камен може да се изгуби целосно. Освен тоа, насмевката се зголемува за 40%. Вуле го убедил дека ако купи количество од три илјади парчиња, нема веќе никому од околината да му ги понуди своите производи и сите ќе доаѓаат кај Добрица по блескава насмевка. Добрица веднаш сфатил дека ова е понуда што не треба да се пропушти.
Боите за коса сепак не се продавале како што се очекувало. Никаква реклама не се појавила на телевизија. Стево му објаснил дека не е до нив, туку до Французите што му го одзеле дистрибутерството. Го барал долго време да му ја врати стоката, но Стево не му се јавувал. Слушнал дека не работи веќе во таа компанија и дека станал инструктор по фитнес. Му останале каталозите, две илјади бои во различни нијанси, платени однапред.
Ниту од пастата за заби не се офајдил. Имала непријатен мирис и горчлив вкус, па никому не му се допаднала. Никој не му верувал дека тоа се новите трендови во стоматологијата и дека со користењето на таа паста ќе има блескава насмевка. Сите барале некои од познатите брендови. Купил три илјади кутии, а продал само осумдесет и четири. Не очекувал од Станко да му пушти меница. Уште помалку на прашањето што да прави со толку стока, да му одговори: Фрли ја во Сава ако сакаш...и да ја прекине телефонската врска.
Можеби и бричеви би продал повеќе, ако и Вуле не му пуштел меница. Му се извинувал, зборувал дека му е жал, од сите негови купувачи кај него одело најдобро, но шефот слушнал дека веќе му е пуштена една меница, па да се наплати додека може...
И сите наплатиле. Добрица е чесен и никому не му останал должен. Успеал да распродаде нешто по пониски цени, нешто да подели, нешто задржал. Вкупно изгубил дванаесет илјади евра. Преостанатата стока ја донел дома. Секој ден се бричи со оние хиперсензитивни бричеви. Сопругата секоја недела е со нова боја на косата. Целото семејство ги мие забите со оние сјајни пасти за заби. По три пати на ден, а понекогаш и почесто. Вистина е дека кариесот им е намален за седумдесет и пет проценти. Вистина е и дека забниот камен им се појавува поретко. Единствено им недостига насмевка.
Насмевката ја нема и нема...
За авторот:
Владимир Милетиќ –директор на странска компанија; консултант во областа напредување во кариерата; писател на мотивациски приказни и зборови; блогер (www.dnevnikjednogdirektora.com). Можете да му пишувате нa: vladimirmiletic33@gmail.com.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.