Малопродажба

Билјана Костов Жежовска: Зелена за свежина, црна за впечатливост

19 Dec 2013

Во делот на свежото овошје и зеленчук во маркетите се користат зелени или црни тонови. Зелената боја се користи со цел да даде свежа и здрава одлика, а црната за природната боја на овошјето и зеленчукот да дојде до израз.

 

Пишува: М-р Билјана Костов Жежовска, извршен директор на „Маркето Солутионс"
 
Во овој број одиме чекор понапред во супермаркетот. Откако ги одминавме антените на влез, најчесто, од нашата десна страна наидуваме на секцијата свежи овошје и зеленчук. Најнапред треба да одговориме на прашањето зoшто оваа секција се наоѓа на влезот од супермаркетот, а потоа да видиме како треба да биде средена и означена.
 

Позицијата на овошјето и зеленчукот токму на влезот од супермаркетот е најчест пример кај повеќето светски и домашни синџири на маркети. Овој стимулатор на продажба има две страни за фокусирање. Од една страна, свежото овошје и зеленчук оддаваат слика на здрав живот кај потрошувачот. Едноставно, луѓето се чувствуваат пријатно во свежата секција од супермаркетот и најчесто посегнуваат по одредени производи, иако не биле планирани. Од друга страна, овошјето и зеленчукот се ставаат на влезот, бидејќи имаат висока профитна маргина, што е значителна придобивка за супермаркетите.

Кога сме веќе кај правилата за уредување на оваа значителна секција битно е да го нагласиме свежиот изглед на производите што се изложени за продавање. Ова сфатете го како трка на зелениот пазар која тезга ќе биде најдобро средена. Тоа значи дека е потребна постојана грижа во овој дел од страна на продажниот персонал.

Најпрвин, неопходно е правилно пребришување на производите со цел да им се даде сјај, чистина и свежина. Постојат специјални еколошки средства што се применуваат за пребришување на свежите производи. Оние производи на кои веќе изгледот им е овенат потребно е да се издвојат и да се тргнат настрана, а пожелно да се стават во посебен акциски дел.

Потоа следува моментот на редење на производите, најчесто во специјални гајби за изложување или во кошници/кошеви наменети за оваа намена. Битно е овошјето и зеленчукот да бидат правилно подредени по редослед за да не дојде до нивно брзо растурање или истурање кога потрошувачот ќе посегне.

Откако производите ќе се постават правилно, следува моментот на означување, односно истакнување на битните информации за секој производ од типот: име на производот, цена за одредено количество и потекло на производот, како и акциска или промотивна цена. Сите овие информации што се неопходни, најчесто е потребно да бидат флексибилно променливи. Тука мислам на означувачи што лесно се променливи или едноставно се бришат. Ова е битно од причина што цената кај овие производи многу често е променлива, а понекогаш е променлива дури и неколкупати во денот.
За да се постигне апсолутна флексибилност и економичност во овој дел постојат два вида означувачи. Првиот тип се касети за цени или дисплеи за цени и информации што во делот на цена, количество и потекло имаат на располагање палета од фиксни броеви или називи. Така, едноставно и практично се означува вистинската информација за производот. Вториот тип производи се означувачите на принцип на табла за рачно испишување со маркер во вид на креда. И на овој начин флексибилно и практично се постигнува потребното.

Бидејќи свежите производи се изложени и достапни за потрошувачот да избира сам, битно е означувачите да бидат фиксирани за гајбите или кошниците со специјални штипки или механизми. Освен овие, постојат и специјални механизми со кои се облагородува просторот и се прави впечатлив за окото на потрошувачот. Во овој дел треба посебно да се внимава на означувачите да бидат видливи за потрошувачите, бидејќи тие се изложени на лесно изместување. Како и во другите секции, така и во оваа, покрај секој производ потребно е јасно изразување на цената со цел потрошувачот да биде задоволен.

Бојата на овие означувачи, односно додатоци и механизми е исто така битен фактор што може да влијае врз впечатокот од страна на потрошувачот. Вообичаено, во делот на свежите овошје и зеленчук се користат зелени или црни тонови. Зелена се користи со цел да дава свежа и здрава одлика, а црна со цел природната боја на овошјето и зеленчукот да дојде до израз.
За крај е важно да наспоменам дека механизмите и материјалите што се применуваат се смислени да бидат едноставни во поглед на нивното лоцирање и дислоцирање, а тоа, пак, повторно придонесува за флексибилност, економичност, како и заштеда на човечки ресурси.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...