Безбедноста на прво место
Улогата на ЕАС-системите на влезот во супермаркетот
Актуелниот „shrink management" кај малопродажниот бизнис или, со други зборови, сведувањето на кражбите во супермаркетите на минимум, има значително влијание врз профитот што го остваруваат супермаркетите. На глобално ниво, бројките велат дека 40% од профитните маргини се намалуваат во малопродажните бизниси како резултат на кражбите.
Пишува: Билјана Костов Жежовска, извршен директор на „Маркето Солутионс"
Во изминатиот број пишувавме за ситуацијата кога потрошувачот се наоѓа пред супермаркетот. Во овој број ќе ја разгледаме ситуацијата кога тој се упатува кон влезот на маркетот. За голем број потрошувачи антените за заштита од кражба што се поставени на влезот и на секоја излезна каса во еден соодветно наместен супермаркет се незначителен елемент.
Во овој момент потрошувачот е најмногу фокусиран да посегне по својата количка или кошничка за пазарување. Затоа, во овој број ќе се задржам на безбедносните антени и нивната мултифункционалнa улога во малопродажниот бизнис.
Актуелниот „shrink management" кај малопродажниот бизнис или, со други зборови, сведувањето на кражбите во супермаркетите на минимум, има значително влијание врз профитот што го остваруваат супермаркетите. На глобално ниво, бројките велат дека 40% од профитните маргини се намалуваат во малопродажните бизниси како резултат на кражбите.
Бидејќи кражбите во супермаркетите се сè почести, не само во домашни рамки туку и во глобални, денес супермаркетите не можат да се замислат без безбедносни системи со кои се контролираат, односно се спречуваат кражбите.
Денес, најпопуларни кај малопродажните синџири се ЕАС-системите (електроакустичните системи) со кои во исто време се обезбедува безбедност во супермаркетот од аспект на кражба на производи и отворена трговска средина, а се подобрува и ефикасноста на синџирот на набавки, преку обезбедување податоци за посетителите во супермаркетот и промоција на маркетиншките пораки.
Најпрвин, што се однесува од безбедносен аспект, антените комбинирани со безбедносни додатоци од типот на етикети, тагови, спајдери, капачиња и слично овозможуваат максимална заштита во супермаркетот. Не само што се зголемува сигурноста туку и се овозможува слободно движење на производите и потрошувачите низ супермаркетот, што се нарекува отворена трговска средина.
Да претпоставиме дека сте во супермаркет и дека стоите пред рафтот на скапи пијалаци или парфеми. Бидејќи стоките се луксузни, најчесто се заклучени во некоја витрина и не можете веднаш да ги имате на дофат со цел да ја доживеете амбалажата и затоа ќе треба да повикате персонал да ве услужи. Сето ова чини трпение и време, што сè почесто ги нема кај потрошувачите.
Сведоци сме дека денес сè почесто се забележуваат безбедносни додатоци кај производите во супермаркетите што се обезбедуваат од страна на супермаркетите или, пак, од страна на производителите. Таков пример е брендот Gillette, што како производител на жилети самиот обезбедува безбедносни кутии во кои се наоѓа производот подготвен за понатамошна дистрибуција. Компаниите што се светски познати за создавање на вакви решенија имаат смислени креативни и функционални додатоци за заштита на производи од секаков тип.
Следна придобивка од користењето на безбедносните ЕАС-системи што се користат на влезовите во супермаркетите е бројачот на посетители, што се додава, односно се вградува на антената при влез во супермаркет. Од најпроста до најсложена статистика, бројачите на посетители можат да овозможат значителни податоци. На пример, многу често менаџментот во супермаркетот сака да дознае во кој временски период се пиковите на посетителите. Со поставувањето на вакви уреди тие доаѓаат до вистински временски податоци што можат да се користат во форма на современи извештаи на едноставен начин.
Како највпечатлива придобивка за потрошувачите од ЕАС-системите е можноста за користење адверајзинг-панели со кои се обложуваат антените на влезот и на излезот. Тоа значи дека антените немаат само техничка и безбедносна улога, туку и маркетиншка, што е битна за потрошувачот. Промоција, акција, нов производ, имиџ-реклама и сè она што треба потрошувачот да го види – го гледа на влезот, а може да се потсети и на излезот.
Едноставно кажано, примената на вакви системи за заштита од кражба им овозможуваат на супермаркетите да ги намалат загубите, трошоците и воедно да ја зголемат профитабилноста.
Се вчитува следна вест...