Малопродажба

Билјана Костов Жежовска: Позадоволни потрошувачи

20 Sep 2013
Со соодветно менаџирање на категории производи до
 
Позадоволни потрошувачи
 
 
Откако завршивме една годишна приказна на теми од особено значење за супермаркетите, во наредните 10 броја ќе тече нова приказна. Најпрвин ќе почнеме од моментот кога купувачот се паркира и се упатува кон влезот на продажното место, односно супермаркетот. Па, моментот кога тој влегува во супермаркетот. Потоа ќе се движиме низ рафтовите со различни типови производи. Дали се правилно подредени? Што недостасува и како можат тие да бидат по атрактивни за окото на потрошувачите. На крајот, приказната ќе ја завршиме со излегувањето од супермаркетот.


Пишува: М-р Билјана Костов Жежовска, извршен директор на „Маркето Солутионс"

Многупати споменав дека, статистички, околу 70% од купувачите одлуката за купување ја прават во моментот на пазарење, односно на местото на продажба – продавница. Исто така, неколкупати во изминатите броеви споменав дека местото на прoдажба треба да се сфати како последна шанса за да се потсети или за да се привлече вниманието на купувачот, а не само како место за размена на стоки за пари. Со други зборови, се обидов да дојдам до заклучок дека местото на продажба, односно супермаркетот, е место на кое задоволството на клиентите треба да се задржи на највисоко ниво, бидејќи тие очекуваат многу повеќе.
 
Затоа, во понатамошните броеви сакам поконкретно да се фокусирам на сите посебни делови, односно секции во супермаркетот и да ги анализирам од повеќе агли. Воедно, ќе се фокусирам на сите соодветни решенија што постојат за да се изведе една секција до совршенство од аспект на потрошувачот и трговецот.
 
Така, најпрвин ќе почнеме од моментот кога купувачот се паркира и се упатува кон влезот на продажното место, односно супермаркетот. Од особено значење за клиентот е уште од почетокот да добие атрактивна слика за одредени производи или, пак, да ја добие вистинската информација веднаш „на удар".
 
Потоа влегуваме во супермаркетот и веднаш наидуваме во свежиот дел, каде што се наоѓа секцијата за овошје и зеленчук. Како треба да биде среден делот на овошје и зеленчук? Каква слика треба да види клиентот и што треба да го привлече неговото внимание? Истите прашања ги применуваме и во делот на месарницата, деликатесот, пекарницата и готовата храна. Како треба да бидат подредени овие секции за да биде клиентот задоволен?
 
Се движиме низ рафтовите со различни типови производи. Дали се правилно подредени? Што недостасува и како можат да бидат поатрактивни за окото на потрошувачите. 
 
И на крајот, излегуваме од супермаркетот. Дали е потрошувачот среќен и задоволен и дали повторно ќе пазарува на истото место ќе видиме откако ќе дадеме одговор на сите овие прашања.
 

Задоволството на клиентите се гледа како главен носител што има влијание врз лојалноста на клиентите. Лојален клиент во супермаркет е оној што веројатно повторно ќе дојде да купи и веројатно ќе го препорача супермаркетот како добро место за пазарење и на други.

Во многу студии што се направени за истражување на задоволството, како и за лојалноста на потрошувачите во супермаркетите, како битни параметри се издвоени следните: погодностите за пазарење во супермаркетот, околината за пазарење, инфраструктурата на супермаркетот, услугата од персоналот, асортиманот на производите, цените, акциите и поддршката по пазарење.
 

Сигурна сум дека секој потрошувач се нашол во ситуација да даде одговор во кои од конкурентските супермаркети пазарењето му е најзгодно. А, најчестите одговори на прашањето „Зошто најчесто пазарите во супермаркетот Х?" од потрошувачите, се следниве: 
- „Затоа што таму наоѓам сè";
- „Затоа што подреденоста на маркетот има логика";
- „Затоа што е најевтин";
- „Затоа што количките се нови";
- „Затоа што има паркинг";
- „Затоа што цените се веднаш видливи";

- „Затоа што секогаш нуди промоции и акции" итн.
 

Во наредните броеви ќе се потрудам да ги обединам сите параметри што се битни за супермаркетот да биде конкурентен, а потрошувачот задоволен и лојален.




 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...