Дали владата можеше да се откаже од барањето за профит, а со тоа и од големото покачување кое директно удира по џебот на сите граѓани?
Автор: Горан Теменугов
Поскапе електричната енергија. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука августовската сметка, која ни пристигнува во септември, да биде повисока за 7,42 насто. Ваквиот непопуларен чекор, кој беше преземен по изборите, иако одлуката требаше да се соопшти пред гласањето, од РКЕ го оправдуваат со намалените приходи, читај профити, пред сè, на двете државни компании за производство на струја - ЕСМ и за пренос МЕПСО. ЕСМ доби зголемување од 10,74%, МЕПСО од 12,5%, приватната компанија ЕВН 2,8%, додека на нејзината ќерка-фирма која ја дистрибуира електричната енергија цената ѝ се намали за 7,71%.
Од Регулаторната комисија велат дека одлуката е донесена оти приходите на двете државни компании поради корона-кризата паднале за 17 и за 11 милиони евра. Бидејќи пазарот со електрична енергија сè уште е регулиран, иако имаме потполна либерализација, секако фиктивна, со Закон е регулирано дека сите три компании треба да имаат одредена добивка, односно профит. Иако тешко до нас допираат фактите дека приватниот капитал е онаму каде што има профит и сè уште живееме во социјалистичкото минатото кое пропадна дека фирмите треба да работат на позитивна нула, очекувано е дека ќе се бара почитување на Законот кој ја гарантира добивката. Но, што е со двете државни компании. Дали и тие по секоја цена мора да имаат профит? Ако на ЕСМ и на МЕПСО газда им е Владата, која се задолжуваше по странство со огромни суми за да им помогне на стопанствoто и на граѓаните во време на криза, дали во овој случај не можеше да се откаже од барањето за профит, а со тоа и од големото покачување кое директно удира по џебот на сите граѓани?
Со јавен долг од речиси 60% од бруто-домашниот производ реално е да се очекува новата Влада, колку и да не сака, посериозно да ги даночи граѓаните и компаниите.
Одговорот е не. Причината зошто не се откажуваат од профитот не е обезбедување подобра иднина на двете фирми, модернизации, трансформации, осовременувања. Причините се оти пари нема во државниот буџет. Да се разбереме, државата не е пред банкрот. Но, е со јавен долг од речиси 60% од бруто-домашниот производ. Поточно, во второто тримесечје, кога домашната и светската економија беа целосно сопрени, јавниот долг се зголеми за речиси 9 насто. Поголем дел од задолжувањето е веќе потрошено, а ни доаѓа есента кога се очекува нов удар врз економијата бидејќи се најавува влошување на здравствената криза. Нема да има ново заклучување на економиите, но ќе биде исклучително тешко. Затоа останува сега пари да се наоѓаат од каде се може, и од граѓаните и од фирмите.
Реално е да се очекува дека новата Влада, колку и да не сака, ќе мора посериозно да ги даночи граѓаните и компаниите. Односно, секаде каде што ќе има пари, државата ќе се обиде на секој начин да брцне во нашите џебови. Можно е да има и нов, корона-данок. Ова треба да се знае и јасно да се каже. Дали е праведно? И да и не. Сметката на задолжувањето мора да се плати. Тие пари завршија кај повеќето од нас. Но, не е чесно што во најголемата криза добар дел од јавната администрација не одеше на работа, а земаше цела плата. Се пропуштија и можности повеќе да се оданочат чистите профити на компаниите за 2019 година, како и да се мотивираат сопствениците со даночни олеснувања своите пари да ги насочат кон фирмите и платите на вработените. Тие не би барале директна финансиска помош од државата, но не би плаќале давачки ако последиците од кризата ги преземеа на својот грб. Ова е веќе испуштено и затоа сега нè чека товарот од кризата да го плаќаме сите. Секако, прв на удар ќе биде приватниот сектор, а од најавата дека ќе се крати администрацијата за 20% веројатно нема да има ништо. Нè чекаат тешки времиња.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.