Актуелно

Горан Теменугов: Многу не лажеле

01 јул 2020

Освен здравствено-политичка, можно е продлабочување и на економската криза, која може да се прелее и во 2021 година.

Пишува: Горан Теменугов, економски новинар

Ќерката на мојот најдобар пријател, 16-годишна средношколка, можеби ја даде најдобрата дефиниција зошто меѓу првиот и вториот бран од пандемијата наместо неколку месеци имавме само еден ден. Таа смета дека ние, граѓаните, воопшто не се придржуваме до мерките бидејќи не ѝ веруваме на Владата. Не е авторитет кој се наметнува. Ова неверување, според неа, се должи на тоа што со децении владите во Македонија нè лажеле и ние сега не ја слушаме и затоа воопшто не ги почитуваме препораките.

Ако се погледнат бројките, ќе се види дека од почетокот на јуни имаме вистинска експлозија на новозаразени. Бројките се движат од 100 до 200 заразени дневно. Алармантна бројка која актуелната владејачка партија СДСМ сака да ја прикаже како нешто очекувано, нормално и не толку опасно. Инсистираа на брзи избори во јуни и покрај тоа што имаше денови кога имавме до 10 починати лица. Опозицијата, пак, исто така сака избори, но, секако, малку подоцна бидејќи смета дека треба да има подобри здравствени протоколи за заштита на гласачите, но и од првиот ден од кампањата ОБСЕ/ОДИХР да имаат свои набљудувачи. Изборите ќе бидат на 15 јули. Можно е кога ќе го држите ова јулско издание на InStore да го знаете победникот на изборите, но и здравствениот цех на заразени и починати од Ковид-19.

Ние сме пред избори, со техничка влада и немаме функционално Собрание. Прашање е кога ќе се формираат новото Собрание и новата Влада. Тоа значи нова политичка криза, во веќе постојната здравствено-економска.

Но, што знам јас сега, пред да се дистрибуира списаниево? Знам дека и владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја доуриваат и последната верба во системот. СДСМ и покрај бројките упорно тврди дека сè е во ред и упорно си калкулираше со препораките на Комисијата за заразни болести како да се справиме со заразата. Не сакаа за време на Велигден да ги затворат црквите, а го прекинаа полицискиот час за да може за Рамазан Бајрам да се одржи молитвата. Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е министерот кој изјавуваше дека полицијата не треба да казнува за непочитување на мерките, а го навреди целиот медицински персонал со изјавата дека треба да се повикаат врвни специјалисти од Словенија за да помогнат во зауздувањето на вториот бран на заразата.

Е во вакво политичко-здравствено милје треба да зборуваме и за економијата. Стартува третиот сет мерки, кои горе-долу веќе се видени во регионот и во светот. Но, загрижува нешто друго. А тоа е дека со новиот наплив на заразени можно е продлабочување на економската криза. Стопанските комори веќе предупредуваат дека таа ќе се прелее и во 2021 година. А ние сме пред избори, со техничка влада и нефункционално Собрание. Прашање е кога ќе се формираат новото Собрание и новата Влада. Може да ги немаме и по неколку месеци од изборите ако резултатите бидат тесни како што се очекува. Тоа значи нова политичка криза, во веќе постојната здравствено-економска.

Ова е основа за сериозен страв како ќе се справуваме со економската криза. Затоа, креаторите на економските политики треба да седнат и да размислат како ќе се постапува во летниот период. Како би реагирале ако се влоши економската состојба. Во овој момент треба и власта и опозицијата да постигнат начелен договор како ќе дејствуваат во вакуум-периодот кој може ќе трае цело лето, а кога ќе имаме влада во заминување. Не верувам дека во овој момент некој размислува што може да се случи наредниве месеци и дека трезвено ги разгледува сите опции. Не верувам и дека некој има политичка доблест, со ладна глава, да отиде кај политичкиот конкурент и да разговараат нормално за претстојните опасности. И да, за да се поправи впечатокот дека сите влади нè лажеле, сите партии треба да покажат поголема зрелост. Еве им можност да им покажат на младите дека има и друга перспектива.

 

 

 


@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...