Актуелно

Избори на 15 јули-ќе се гласа 3 дена

16 јун 2020

Парламентарните избори во Македонија ќе се одржат на 15 јули, се договорија партиите. 

Претседателот Стево Пендаровски синоќа прогласи вонредна состојба во траење од 8 дена. Вонредната состојба е за да овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија. Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите. 

Владата доцна во ноќта ја донесе Уредбата поврзана со предвремените парламентарни избори. Во неа е предвидено дека изборната кампања ќе започне на 24 јуни 2020 година и ќе трае 20 дена.

На 13 јули ќе гласаат заразените со ковид-19 кои се лекуваат дома и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација, а ден потоа – 14 јули ќе гласаат изнемоштени и болни лица. Гласањето на изборниот ден на 15 јули, пак, ќе трае од 7 часот наутро до 21 часот.

Како што беше најавено, за гласањето на заразените со ковид-19 ќе помагаат медицински лица.Во општините во кои гласаат овие лица, во зависност од нивниот број, Државната изборна комисија формира еден или повеќе посебни избирачки одбори составени од тројца здравствени работници кои го спроведуваат гласањето, при што политичките партии имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор согласно член 38 ставовите 5 и 6 од Изборниот законик. 

Задолженија за безбеден изборен процес со Уредбата доби и Министерството за здравство.

Според најавите од надлежните, денот на одржувањето на изборите, 15 јули, ќе биде неработен ден.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...