Актуелно

Нилсен: Пораст на приватните марки низ цела Европа

16 Jun 2020

Приватните марки продолжуваат да го зголемуваат пазарниот удел низ цела Европа, покажува најновата статистика на „Нилсен“, со која се опфатени 19 земји.

Од најголемите малопродажни пазари во Европа, уделот на трговските брендови е повеќе од 40% во Велика Британија и во Германија, а во Франција речиси еден од секои три продадени производи е приватна марка. Пазарниот удел во Италија се искачи за повеќе од 2 поени, што е најголем пораст досега.

Едно од најголемите зголемувања е забележано во Холандија, каде што уделот забележа пораст за повеќе од 7 поени и достигна 37%. Во Белгија, пак, пазарниот удел на трговските марки се искачи на 44%.

Шпанија и Португалија останаа силни пазари за приватните марки: половина од сите продадени производи на шпанскиот пазар биле трговски брендови, додека на португалскиот уделот се искачи на повеќе од 43%.

Во Централна и во Источна Европа состојбата е следната: 40% во Австрија и повеќе од 30% во Полска, Унгарија, Чешка и во Словачка. Трговските марки во Швајцарија се половина од продадените производи.

Норвешка е лидер за приватни марки во Скандинавија, чиј удел изнесува повеќе од 34%. Следува Шведска со 33%, додека Финска остана над 30%.

На Медитеранот, пазарниот удел на трговските брендови е 31% и во Турција и во Грција. Турција покажа голем пораст – со зголемување за 2 поена, приватните марки првпат надминаа 30%.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...