Изборите ќе ни ги скројат мерките за рестартирање на економијата.
Пишува: Горан Теменугов, новинар
Велат дека зборот криза значи опасност, но и можност. Што би се рекло, кој како ќе си ја „нареди“. По првичниот страв, дури и изгубеност поради состојбата во економијата предизвикана од корона-кризата, веќе се осознаваат контурите како ќе се справуваме со последиците. Во моментиве кога ќе го читате текстов сè ќе биде познато. Сега, во првата третина од мај, кога го пишувам ова, само се насетува дека владејачкиот партиски двоец, СДСМ – ДУИ, ќе сака кај граѓаните да вбризга кеш до 10.000 денари за да се поттикне личната потрошувачка. Ова ќе биде голема сума. Околу 150 милиони евра. Целиот пакет за рестартирање на економијата ќе чини од 300 до 350 милиони евра. Во оваа сума ќе влезе поттикнување на приватната и на јавната потрошувачка, како и поддршка на одредени сектори во стопанството кои ќе треба во иднина да ни донесат повеќе пари. Овде акцент ќе се става на земјоделството, на производствените сектори како прехранбената индустрија, но и на ИТ-секторот, кој покажа дека е поотпорен на пандемски кризи.
Ќе има длабоки анализи дали мерките се добри или не. Можеби ќе го знаеме и најважното прашање, а тоа е кога ќе имаме предвремени парламентарни избори, на 14 јуни, или подоцна. Иако не го знам датумот на изборите, редно е да објаснам зошто ми е важен. Едноставно, добар дел од мерките за рестартирање на економијата ќе бидат насочени кон што е можно поширока популација, при што веројатно ќе се изостави еден важен елемент кој би требало да го имаат, а тоа е вистински да се помогне. Но, зошто не би се помогнало вистински?
По пандемијата кај нас ништо нема да се смени иако е време да се модернизира и даночниот систем, кој покажа дека е исклучително слаб при вакви удари.
Веројатно ви е јасно дека лежерното поткупување на гласачите се одомаќини како навика. За да не ни се повторува, имаме т.н. техничка влада во која има министри и од опозицијата за не дозволат поткуп на гласачите. Но, во ваква прогласена вонредна ситуација поради корона-кризата, се отвора можноста добар дел од буџетските пари да завршат кај гласачите. Но, во овој момент пари нема. Приходите драстично паднаа во април. Пред сè, данокот на додадена вредност. Процените се дека буџетскиот дефицит наместо 2,3% од бруто-домашниот производ ќе биде над 6%, или од 600 до 700 милиони евра. Ова значи дека државата планира да потроши олку пари кои во моментов ги нема. Може да ги најде на неколку начини. Може да ги зголеми даноците, а може и да се задолжи. Секако, опција за намалување на дефицитот е и да се намалат расходите на државата, односно да се троши колку што може да се најдат пари. Но? Јасно ви е дека кога се најавуваат избори, поголеми даноци нема да се воведат. Секако, не само за да не се нервираат гласачите со повисок ДДВ, туку и затоа што поради кризава никој не троши и малку фирми работат. Едноставно, нема од каде да се земе. Владата никако да ги намали платите во јавната администрација, која два месеца работи со многу намален капацитет. А администрацијата, која постојано се шири, е златен резервоар на партиите за регрутирање гласачи. Тоа е причината што кон нив се постапува како со свилени ракавици.
Затоа, јасно е дека изборите ќе ни ги скројат мерките за рестартирање на економијата. Ќе бидат популистички. Кризата за нив нема да биде опасност. Ќе биде за сите други. Но, за жал, нема да се искористи и како можност да се редефинираат одредени политики, пред сè, околу структурата на самиот буџет. Најголем дел од парите од државната каса кај нас одат за плати и за социјални трансфери, како и за разни удопства на функционерите. Мал дел е за поттикнување на економијата и за квалитетни услуги на граѓаните во образованието, здравството, транспортот. Затоа, по пандемијата кај нас ништо нема да се смени иако е време да се модернизира и даночниот систем, кој покажа дека е исклучително слаб при вакви удари. Другите земји ги учат лекциите, се приспособуваат на идните опасности, додека кај нас мислиме само на изборите. Тоа е.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.