Бугарија, Грција и Србија се договорија-од 1 јуни ги отвораат границите меѓу себе за секаков вид патувања. При влез нема да се бараат тестови и нема да има никакви карантински мерки. Единствено ќе се пополнува формулар со кој патниците ќе потврдат дека во моментот на патувањето немаат симптоми и не се наоѓаат во карантин.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов најави дека кон овој договор веројатно ќе се приклучи и Романија.
Што ќе се случува со патувањата од и во Македонија, уште нема официјална информација. Министерот за здравство Венко Филипче минатата недела рече дека е во преговори со грчкиот колега, кои треба да резултираат со договор за патување без карантин и здравствени пасоши. Договорот и протоколите со Грција потоа би им се понудиле и на земјите од регионот. За отворање на границите, како и на аеродромите во Скопје и во Охрид се чека препорака од Комисијата за заразни болести. Таква препорака засега нема. Последното олеснување од оваа Комисија, од вчера, е дека се укинува задолжителниот домашен карантин после државниот од 14 дена или 21 ден. Државниот карантин останува.
Во очекување на летната туристичка сезона, немањето позначителни олеснувања на транспортот на луѓе и стоки на македонските граници може да биде уште посилен удар врз туризмот, но и врз вкупната македонска економија, ако се земе в предвид дека голем број туристи од Европа кои одат во Грција поминуваат токму низ нашата земја.
Претходно, земјите поединечно најавија олабавување на рестрикциите. Српската влада најави дека од1 јуни Србија ќе почне да применува либерализиран режим на поминување на границите со четири земји од регионот: Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија, без обврска граѓаните на овие земји да имаат негативен тест на Ковид-19 при преминување на границата со Србија.
Грција предлага отворање на грчката граница од 1 јуни за деловни патувања, за сезонски работници и членови на семејството кои живеат во други земји, додека отворањето на границата за туристички патувања го најавува за 15 јуни.
Словенија ги укина ограничувањата за влез од Хрватска - словенечката влада донесе одлука, според која, поради сличноста на епидемиолошката состојба поврзана со Ковид-19, веќе нема потреба од претходни ограничувања при влез во земјата од Хрватска.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.